Морија, најголемиот бегалски камп во Европа, е пеплосан. Луѓето се на улица, немаат тоалети и доволно храна. Репортерот на ДВ е на Лезбос и пренесува слика за состојбата на островот, на кој се гради нов шаторски камп.
Патрик со неверување ѕвери низ жицата. На оддалеченост од неколку стотини метри, зад неколку такви жичени огради, луѓе од УНХЦР забрзано поставуваат шатори.
Грчките власти ветија брза помош уште во вторникот, кога пожарот го проголта бегалскиот камп Моријана Лезбос, најголем таков камп во Европа. Но, од помошта нема ни трага. „Огнот го проголта она малку што го имав“, вели Патрик (42) од Ангола.
„Владата сега мора да ни помогне. Мора да не’ префрлат во Атина, во Германија или некоја друга земја во Европа“, вели тој. Во Морија бил речиси една година и вели дека било како во пекол.
Патрик е уверен дека поставувањето нови шатори за околу 13.000 луѓе на Лезбос не е решение. „За две недели ќе се случи исто. Повторно ќе подметнат пожар.“
Фактот дека огнот истовремено избил на повеќе места, укажува дека пожарот во Морија бил подметнат. Грчките власти се уверени дека тоа го направиле мигранти. Во кампот, во очајни услови, живееја четири до пет пати повеќе луѓе од предвиденото, а неодамна изби и инфекција со коронавирус.
Недоволно храна
Неколку метри понатаму – блиндирани сини полициски автобуси. Зад нив, среде патот кој води до главниот град на островот, Митилини, илјадници луѓе бараат каква било сенка за да се сокријат од пладневното сонце. Температурите овде се и натаму над 30 степени. Некои имаат шатори кои им ги дале невладините организации, други си направиле засолниште од бамбус и лисја.
Две момчиња играат одбојка. Од продупчено црево лее вода, луѓе чекаат во ред да ги наполнат пластичните шишиња. Нема тоалети. Волонтерите и грчките служби барем донесоа вода за пиење, но нема доволно храна. „Денеска изедов само едно колаче“, вели очајно млад Авганистанец.
„Војската носи јадење во 14:30“, ни раскажува една волонтерка. Но, вели, тоа не е доволно за сите. „А, и не е доволно да се јаде еднаш дневно.“ Таа со пријателите им дели храна на бегалците на блиското паркиралиште од еден супермаркет.
Не им е лесно ниту на доброволците. Уште во март локалното население беше насилно кон претставниците на невладините организации и новинарите, па многумина го напуштија Лезбос. Властите неодамна ја затворија ковид-амбулантата на Лекари без граници недалеку од кампот и изрекоа казна од 35.000 евра затоа што таа наводно нелегално се наоѓала на комерцијален терен.
„Сега сме им најмногу потребни на луѓето“, ни вели Фарис ал Џавад од Лекари без граници, кои сепак повторно ја отворија амбулантата. „Луѓето се раштркани насекаде. Нашите волонтери одат наоколу и им објаснуваат дека клиниката е отворена.“
Европа потфрли
Ерик Маркварт, европратеник од германските Зелени, нема разбирање за отвореното непријателство на мештаните кон бегалците и помагачите, но потсетува: „Добро се сеќавам на 2015 година, кога населението овде беше подготвено да помогне.“
Но, вели овој политичар, ЕУ целосно потфрлила кога требало да се обезбеди пристојно сместување, да се организира училиште за децата бегалци, или да се превенираат пожари. „Од овие луѓе направивме жртви на надворешната граница на ЕУ.“
Маркварт смета дека изградба на нов камп покрај изгорениот само би го обновила истиот проблем. „Прво мора да добиеме време, за луѓето да не страдаат. За тоа време мора да најдеме политички решенија врз основа на анализите кои покажуваат дека преполните кампови на надворешните гранци секогаш водат кон катастрофа.“
Политичарот на Зелените нуди решение за непосредна помош: „Многу крузери со месеци стојат празни. Тие може да се изнајмат и да се направи хигиенски концепт. Така веќе наредниот ден може да се имаат повеќе илјади соби со можности за карантин.“
Во тој период државите на ЕУ би морале конечно да станат свесни за својата одговорност, а тоа важи и за Германија, која во моментов претседава со ЕУ, вели Маркварт: „Не можеме да бараме европско решение и притоа да си го чуваме европскиот проблем. Сојузната влада во коалицискиот договор дефинираше дека ќе се примаат 180 до 200 илјади луѓе годишно. Веќе две години не ги исполнува обврските. Минатата година имаше 139.000 барања за азил, годинава дури и помалку. Дури и кога би биле примени сите 27.000 бегалци кои во моментов се наоѓаат на грчките острови, нема да биде исполнет капацитетот на прием кој големата коалиција (во Берлин. н.з.) си го определи самата.“