Образовниот систем ќе се дигитализира според Национална стратегија што допрва треба да биде изготвена. Ова денеска го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска, според која можеби процесот на дигитализација кај нас е започнат, но треба да се интензивира.
„Времето брзо истекува и доколку не го фатиме чекорот со овој глобален процес, тогаш многу ќе заостанеме во трката по квалитетно образование за нашите сегашни и идни генерации ученици“, изјави Царовска на денешната онлајн трибина на тема „Дигитализација и образование“.
Таа информира дека веќе е изготвена и драфт верзијата на единствената национална платформа за далечинско учење.
„Можеби со мали дополнувања и минимални корекции врз база на сугестии од крајните корисници, ќе стане конечна и применлива до пред почетокот на учебната година. Јас веќе ја разгледав, лично ми се допаѓа и сметам дека ќе биде лесна за употреба и ќе ги задоволи очекувањата и потребите на сите кои ќе треба да бидат поврзани со истата, првенствено на учениците и наставниците“, изјави ресорната министерка.
„Многу важно во овој процес е и обезбедувањето на дигитални учебници. Во заеднички дијалог со издавачките куќи и авторите на учебниците ќе работиме на што поголема застапеност на учебниците во електронска форма“, рече Царовска.