Претставниците на повеќе здруженија на хронично болни луѓе денеска одржаа состаноко на кој ја разгледаа состојбата со Ковид 19 и најавената одлука на комисијата за заразни болести за враќање на хронично болните луѓе на работа.
На состанокот тие заеднички усогласија повеќе ставови:
Како прво, враќањето на работа на хронично болните да се одвива според одредени критериуми, бидејќи не се сите овие пациенти со висок ризик и притоа:
- Дел од хроничните болести кои се со најголем ризик на смртност од КОВИД 19 да останат ослободени од работа (списокот на најризичните хронични болести да биде доставен од соодветните клиники до комисијата за заразни болести);
- За помалку ризичните случаи на пациенти со хронични болести да се одлучува индивидуално (односно потврдата да ја издаде специјалистот соодветно според болеста, лекувањето, работното место на кое се наоѓаат пациентите);
- За специјалистите да може да вршат соодветно контролни прегледи за да издадат потврда, да се обезбедат посебно термини на клиниките (пример втора смена на работа и дисперзија преку субспецијалисти и специјалисти во други градови освен Скопје).
Второ,здруженијата побараа од комисијата за заразни болести и министерството за здравство да објават листа на коморбидитети кои се забележани кај починатите од КОВИД 19 (тие дијагнози соодветно да се ослободат и понатаму од работа).
Конечно, од докторите специјалисти и институциите беше побарано при носење на одлуките за засегнатите пациенти, тие да ги контактираат соодветните здруженија, за да се донесат правилни одлуки.
На интернет состанокот беа присутни здруженијата БОРКА, ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, НЕФРОН, ХЕПАР центар, ПЕПЕРУТКА, Алијанса на Пациентски Организации – АПО.
Овие здруженија побараа и состанок со комисијата за заразни болести и министерството за здравство.