Управата на Еуростандард банка ќе остане без заштедите и тие со привилигирани каматни стапки – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/20 3:14 PM

Управата на Еуростандард банка ќе остане без заштедите и тие со привилигирани каматни стапки

Не сите штедачи на Еуростандард банка ќе бидат обештени од Фондот за осигурување депозити. Порталот Фактор објавува дека соред последниот список што Фондот го добил од стечајниот управник, намалена е сумата на обесштетување, сега, според последниот прочистен список од стечајниот управник, ќе треба да се исплати помала сума, односно 4,2 милијарди денари, што значи дека таа се свела на 68,2 милиони евра. Односно, сумата на обесштетување е намалена за 3,3 милиони евра.

Овој список е „прочистен“ по неколку основи, и тоа го намалува конечниот износ.

Прво, на оние депоненти што имале и обврски кон банката, или пак, кредити, за таа сума им е намален износот од влогот што треба да го земат како обесштетување.

Воопшто нема да се обесштетуваат депозити на членови на Управниот и Надзорниот одбор, како и на нивни блиски роднини од прв степен, а во Еуростандард банка имало и такви депозити. Ова значи дека тие нема да земат ни денар за обесштетување од Фондот за депозити.

Трето, воопшто нема да се обесштетат оние депозити кои биле поврзани со перење пари, за случаи за кои тоа е докажано со документи од Управата за финансиско разузнавање, и се донесени и судски пресуди. Тие депозити кои постоеле во банката, воопшто нема да бидат обесштетени.

И четврто, нема да се обесштетуваат депозити кои се чувале со привилегирани каматни стапки, односно повисоки камати од оние кои се официјални на банката и кои таа ги има објавено на својата веб страница и важат за сите клиенти.

Како што е познато, такви привилегирани повисоки камати добиваат штедачи кои вообичаено имаат значајно повисоки штедни влогови, кои со банката си склучуваат посебни договори за привилегирани каматни стапки. Според нашите извори, тие штедачи нема да добијат ни денар од обесштетувањето, без разлика колкава сума штеделе во банката.

„Ако некој депонент си штедел по редовна каматна стапка, без разлика колкава сума имал, тој секако од Фондот ќе добие 30 илјади евра. На пример, чувал во банката 50 илјади евра, и си штедел по редовната каматна стапка, тој од Фондот ќе добие 30 илјади евра, а остатокот од 20 илјади евра ќе го побарува од стечајната маса. Но, доколку штедел со привилегирана камата, без разлика колку и да му изнесувал влогот, согласно правилата, нема да добие ни денар од Фондот за осигурување депозити“, објаснуваат од Фондот.

 

Фактор