„Никогаш нема да спроведам одлуки кои ги донел советот, а се однесуваат на личен интерес на некои од советниците“ одговори на обвинувањата на дел од советниците во советот на општина Росоман, градоначалникот Бранко Јанев. Тој ги отфрла и обвинувањата дека вовел медиумски мрак за да спроведува самоволие. На прес конференцијата кажа дека не соработувал со медиумите, бидејќи согласно закон не смеел да одвојува пари за медиумско покривање. Ги обвини советниците дека го опструираат неговото работење со неусвојувањето на одлуки, кои се однесувале на подобри услови за живот на граѓаните. Посочи дека советот не го усвоил оперативниот план за дејствување при елементарни непогоди.
„Советот има обврска да одржува и комисии, но за жал таа обврска не ја исполнува, а добиваат паричен надомест. Оперативниот план за заштита од поплави е задолжителен, а истиот не е донесен. Не го усвоија проектот тежок 100 илјади евра за уредување на централното подрачје. Не го прифатија проектот во висина од 15.000 долари кој го спонзорираа УНДП и СИДА. Истиот се однесуваше за уредување на речното корито на Црна Река. Можете да замислите колку се тие конструктивни“ вели Јанев.
Во врска со обвинувањата дека тој закажувал седници и одлучувал каде ќе се одржат, рече дека единствено побарал последната седница да се одржи во училишната сала, бидејќи требало да присуствуваат поголем број луѓе, а согласно протоколите за заштита , општинската сала не ги исполнувала условите. Но претседателката на советот сепак одлучила седницата да се одржи во општинската сала.
Иако градоначалникот им понудил на советниците да одлучат кој ќе биде вработен во јавното комунално претпријатие, тие сепак не сакале да ја донесат одлуката, иако на претпријатието му биле неопходни нови вработени за успешно работење.
Јанев одговори и околу обвинувањата за реализацијата на проектот за уредување на централното градско подрачје. Советниците го нарекоа тој проект налудничав, а градоначалникот тврди дека тој проект бил содржан во програмата за комунална изградба но и во урбанистичкиот план, кој советниците едногласно ги усвоиле, а сега манипулирале со луѓето кои имаат времени објекти и било потребно да ги дислоцираат, бидејќи општината ќе реализира проект во интерес на сите граѓани.
Ангел Данов