Лозарите бараат итна средба со министерот за земјоделство, се заканија со протести – ММС
ММС

Објавено на: 09/2/20 12:59 PM

Лозарите бараат итна средба со министерот за земјоделство, се заканија со протести

На само неколку дена од интензивирањето на бербата на винско грозје, лозарите од најголемиот лозарски регион во земјава, тиквешкиот, сеуште не знаат по која цена ќе им се откупува родот, ниту пак имаат склучено договори со винарските визби. И годинава законот е изигран и цените не се објавени, обвинуваат лозаропроизводителите. Иако требало да се одржи заеднички состанок со визбите и министерството околу откупот на грозје, до денеска таков состанок не бил закажан. Бараат итна интервенција од државата, во спротивно најавуваат протести и блокади на патиштата.

„Стигна и оваа година за берба на грозјето. Ни еден од министрите нема слух да седниме на маса и да разговараме машки како што треба. Ние како здружение на лозарите од Кавадарци бараме заштитна цена на килограм грозје која не смее да биде пониска од 8 денари. Бараме цена за килограм смедеревка од 11 денари, а н вранецот 13 денари. Од владата бараме да ни даде 5 денари по килограм субвенција“ рече на денешната прес конференција претседателот на здружението „Тиквешки лозаро овоштари“, Златан Стојчев. Тој го повика министерот за земјоделство да дојде во Кавадарци и да се реши проблемот со откупната цена.

Годинава лозарите проценуваат дека родот на грозје ќе тежи околу 90 милиони килограми. Исто така бараат вишокот на грозје кој ќе се појави да го откупи државата.

„Еве бербата почна, а ние не знаеме што да правиме. Темјаниката и шардонето со 3-4 денари се со пониска цена. За нив истакнати се откупните цени на пунктовите, а за смедеревката и вранецот цени нема истакнато, а бербата за десет дена ќе почне. Ќе бараме средба со новиот министер. Ако не се одржи таа средба ќе одиме со непослушност. За непослушните винарии што сакаат да ја срушат цената ќе ги блокираме Дреново, Росоман, Градско, Неготино, Демир Капија. Ова е заедничка мака. Ние го произведуваме, тие го преработуваат и го продаваат.“ изјави Дано Јошев, лозар и член на здружението на производители на грозје.

На денешната прес конференција на хаос во лозарството се пожалија и нови лозари кои се одлучиле да одгледуваат винова лоза. Велат дека нивните деца им се смееле што започнале да одгледуваат грозје и инвестирале во насади, а тие сакале само со инвестиција во земјоделството да ги задржат децата во својата земја.

„Како сакаме да го развиваме земјоделството, како сакаме да имаме млади лозари? Кој е тој свесен млад човек кој што ќе почне да работи земјоделие кога однапред знае дека ќе има загуби. Кога ќе заврши работниот век на земјоделецот ќе зима пензија од 7000 денари. Намесето сега да собере некој денар,  ние сега и на добра година неможеме да испаднеме на крај“ изјави Диме Соколов, индивидуален производител на грозје. Тој праша дали има некаде во светот место каде производната цената на еден производ е повисока од цената по која се продава.

Ваквите проблеми се присутни од осамостојувањето на земјава, велат стручните лица вклучени во аграрот. Според нив, затоа секоја година нивите се напуштаат, а младите заминуваат барајќи подобра иднина во друга држава.

Ангел Данов