Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ нуди квалитетно образование, можности за стручна пракса и светски призната диплома. Доколку размислувате зошто на УГД, тогаш ова се вистинските причини.
Според продеканката на факултетот, Наташа Стојковиќ, Факултетот за информатика за релативно кратко време успеа да се етаблира на академската сцена во државата, бидејќи на студентите им нуди неверојатно многу можности за успешно студирање и стекнување со реално знаење.
– Специјалноста на факултетот за информатика е создавањето реални кадри кои ќе им овозможат на компаниите во земјата и надвор од неа, да ја зголемат нивната конкурентност и иновативност. Студентите на факултетот за информатика имаат неверојатна можност да станат дел од Еразмус+ програмата на универзитетот, која важи за една од најактивните и најразвиените во земјава. Дополнително, нивните шанси за остварување стручна пракса во локалните компании и оние на национално и интернационално ниво се гарантирана причина плус за избор на оваа институција.Факултетот е домаќин на разни интернационални настани, конференции, натпревари, УГД Хакатон и стручни предавања од домашни и странски експерти.Светски признатата диплома со која ќе се здобијат студентите на крајот од нивното студирање, е само првата станица во нивното кариерно и професионално патување, вели продеканката Стојковиќ.
Студентите можат да се запишат на четири насоки: Компјутерски науки, Компјутерско инженерство и технологии, Бизнис информатика и на насоката Математика.
Факултетот, како што вели продеканката Стојковиќ е спремен за прием на нови студенти, безразлика на кој начин ќе се одвива наставата.
– Да секако сме подготвени за прием на новите студенти. Со оглед на ситуација предизвикана од вирусот COVID 19 ние сме ориентрани повеќе кон online наставата овој семестар. Секако претходниот семестар уште истата, првата недела кога беше прогласена пандемијата, ние започнавм веднаш со online настава на платформата Microsoft Teams. Ако се подобри епидемошката состојба во земјава ќе се вратиме пак на класичната настава со физичко присуство. Колку и да е добра online наставата ништо не може да го замени целосно класичниот начин на предавања, најмногу поради одржувањето на лабораториските вежби, смета продеканката Стојковиќ.
Според искуството од претходниот семестар студентите и наставниот кадар се задоволни од наставата и мошне брзо се адаптирале на новите услови.
Запрашана што после факултетот и како студентите продолжуваат понатаму, продеканката Стојковиќ вели дека имаат голем број талентирани студенти, и речиси сите кои дипломираат таму се успешни во својата професија. Ни издвои двајца нејзини сегашни колеги, а претходно студенти на истиот факултет, за како што рече да им посочи на идните студенти дека факултетот се труди дел од подобрите студенти да ги вработи и да станат дел од нивниот тим. Исто така ни укажа и на уште неколку успешни приказни на поранешни студенти, кои воедно биле и најдобри во своите генерации.
Ние денеска ви издвојуваме две од овие приказни:
Мирјана Коцалева, Магистер по информатика – Информациски системи
“Дипломирав и магистрирав на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Веднаш по дипломирањето започнав да волонтирам во Центарот за електронско учење, за потоа од 2015 година да станам дел од соработничкиот кадар на факултетот. Денес сум асистент и студент на трет циклус на студии на Факултетот за информатика. Факултетот располага со целосно опремени предавални и лаборатории за спроведување на предавања и вежби, како и коректен и достапен кадар. Факултетот нуди можности за работа во реномирани ИТ компании во и надвор од нашата држава, а исто така нуди можност на студентите (како што бев и јас) да го продолжат својот пат и да останат на факултетот како демонстратори, волонтери, со надеж во иднина да станат дел од соработничкиот и наставниот кадар на факултетот.”
MSc Лилјана Пушкар (Здравева)
“Четирите години поминати на Факултетот за информатика при Универзитетот Гоце Делчев ме запознаа со различните области на компјутерските науки. ФИ е одлична основа да продолжиш да се усовршуваш. Во 2017 година магистрирав на напредната програма за вештачка интелигенција на Katholieke Universiteit Leuven во Белгија. Денес сум студент на докторски студии на Sveučilište u Zagrebu Fakultet elektrotehnike i računarstva. Таму и работам како асистент истражувач во областа на едукациска роботика и обработка на податоци.Сметам дека ФИ нуди добра основа во областа на компјутерските науки и отвара врати кон градење на успешна кариера, било како developer, data engineer или академска кариера.”