Од денеска во градоначалничката фотелја на Општина Штип, како заменик-градоначалник, седнува Јане Миланов, кој беше претседател на Советот на Општината, а досегашниот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски во новата Влада. По тој повод, денеска во Општината се одржа свечено примопредавање на должноста.
Досегашниот градоначалник Бочварски упати благодарност до сите со кои што соработувал во изминатите три години и истакна дека е убеден оти и во иднина Општината со Јане Милнов ќе функционира како една од најуспешните во Македонија. Притоа ги спомна најкрупните проекти што биле реализирани во изминатите три години – изградбата на детска градинка, новиот мост на Брегалница, обиколницата, завршената и новопочнатата паркинг-платформа на Отиња, изградените улици и друга инфратсруктурна мрежа, а за в година рече оти се надева дека ќе заврши изградбата на покриен базен, а ќе почне на брана на реката Отиња.
„Заедно работевме, носевме успешни, често и тешки одлуки од кои сите на крајот имаа бенефит. Штип е град што се развива, најдобрата општина што денес функционира во државата, репер за останатите“, рече Бочварски.
Јане Миланов нагласи дека Општината и понатаму непречено ќе функционира во интерес на граѓаните.
„Никој од нас не е среќен што еден вака успешен градоначалник ја напушта функцијата. Но, од друга страна, неговата успешност беше препознаена, па на тој начин Штип доби претставник во највисокиот ешалон на извршната власт, во едно многу значајно министерство какво што е тоа за транспорт и врски. Како претседател на Советот на Општината, имав одлична соработка со градоначалникот Бочварски“, истакна заменик-градоначалникот Миланов.
Тој во наредниот период од Советот на Општината би требало да биде избран за в.д. градоначалник, а потоа се очекува да се распишат предвремени избори.