Oпозицијата прогласи победа на изборите во Црна Гора, се слави во Подгорица, но и во Белград – ММС
ММС

Објавено на: 08/31/20 6:31 AM

Oпозицијата прогласи победа на изборите во Црна Гора, се слави во Подгорица, но и во Белград

Коалицијата предводена од просрпскиот Демократски фронт (ДФ) и уште две опозициски коалиции прогласија победа над владејачката прозападна партија на парламентарните избори. Таа почна да слави во Подгорица и во други црногорски градови, но со развеани црногорски и српски знамиња се слави и по улиците на Белград.

Врз основа на 95 отсто од преброените гласачки ливчиња, црногорскиот Центар за мониторинг потврди денес во раните утрински часови дека опозицијата има мнозинство од гласовите во црногорскиот праламент и оти владејачката Демократска партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ по 31 година треба да замине во опозиција.

Досега владејачката ДПС на Ѓукановиќ имала добиено 30 мандати, коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 27, „Мирот е нашата нација“ 10 мандати, а „Црно на бело“ четири мандати. По три мандати имаат социјалдемократите и Бошњачката партија, два СДП и два мандата двете листи на албанските партии.

Според збирот на гласовите, трите опозициски партии имаат 41 мандат, а доколку на тоа се додаат и трите мандата на СДП на Ранко Кривокапиќ, кој последните четири години ги мина во опозиција откако во 2016 година се судри со Ѓукановиќ и ја напушти владејачката коалиција во која беше 18 години, произлегува дека опозицијата има солидно мнозинство. Црногорскиот парламент има 81 пратеник.

Мило Ѓукановиќ беше црногорски премиер во шест мандати: од 1991 до 1993, од 1993 до 1996, од 1996 до 1998, од 2003 до 2006, од 2008 до 2010 и од 2012 до 2016 година, а претседател на Црна Гора во два мандата, од 1998 до 2002 година, како и во актуелниот мандат кој започна во април 2018 година.