Со меѓусебни критики на релација власт опозиција почна вториот ден од собраниската расправа за избор на нова Влада, на мандатарот Зоран Заев, но и со обид на собранискиот спикер Талат Џафери да го подигне нивото на дускусија меѓу народните избраници во меѓусебните критики.
Прв денеска од собраниската говорница се обрати лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од коалицијата „Можеме”, кој посочи дека во Македонија постои голема поделба по партиска и етничка основа, по верска, но и социјална положба и затоа, како што рече, Владата, претседателот на државата и Парламентот мораат да работат на внатрешната интеграција, сплотување и заштита на националните интереси.
-Во врска со приоритетите во Предлог-Програмата на мандатарот сакам да нагласам неколку работи, кои очекувам да бидат дел од програмата и истите да се имплементираат. Прво, неопходни се уставни промени со цел да се јакне одговорноста на извршната власт, посебно на претседателот на Владата и министрите и да се зајакне самостојноста на институциите, надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал. Имунолошкиот систем на државата мора да профункционира, истакна Трајанов.
Коалицискиот партнер во „Можеме” од Демократскиот сојуз” побара системски промени заради департизација на сите институции.
-Нема правда без кредибилно судство, затоа треба да се создадат уставни претпоставки за ревизија и разрешување на судии и јавни обвинители, како и нивна кривична одговорност, доколку ги кршат законите. Во услови на парализа на Парламентот, треба да има можност Претседателот на државата да го распушти Парламентот, додаде Трајанов.
Тој нагласи дека треба да се преиспита и примената на правилото на Бадентер, кое во некои сегменти се јавува како кочница за функционирање на правната држава (избор на јавен обвинител, судии и сл,.). Во Уставот, рече Трајанов, точно е наведено кога е потребно двојно мнозинство и треба до тоа да се држиме, а не креативно да ги толкуваме уставните одредби.
Трајанов од говорницата ги повикува сите лидери на партии и функционери, да не се дружат со мафијата и криминалното подземје, бидејќи, според него, таквата дружба го разорува целокупниот систем на државата. За политичарите е компромитација, но криминалците ги прави недопирливи за правдата, истакна Трајанов и побара да се продолжи со реформите на безбедносниот сектор, да се формира Совет за национална безбедност со кој ќе раководи Претседателот на државата, да поминат низ „сито” сите припадници на службите за безбедност и вработените во другите институции кои работат на откривање на криминалот.
Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање со критики до предложениот владин состав, чиј мандатар Зоран Заев го нарече топ-шоп премиер.
Рече дека дека и покрај пропаѓањето на Еуростандард банка, Заев ветува стабилни економски политики.
-Три години по ред слушаме како ветува економска година, ветуваше и патишта, мислам дека нема да остане зелена површина по мандатот на топ шоп мандатарот. И сето ова вели ќе го направат со чесни стручни докажани кадри. Народот има една поговорка „мижи Асан да ти баам”. И од вчера сум овде присутен, барам гледам, се вртам да ги видам чесните, стручни, докажани кадри, но нема ниту еден таков. Тука е Шекеринска синоним за транзиционен неуспешен и неспособен политичар, кој во свото CV има афери, бонбона бизнис, продажба на ЕСМ, афери со становите, кажа Јанушев, кој потоа упати и критики до Љупчо Николовски, кого го нарече „човекот, кој ја измисли корупцијата во земјоделството”, а сега ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата. Упати критики и до другите членови во предлог-владиниот состав.
Заев му реплицираше дека всушност со ваквиот настап тешка им е помислата дека уште четири години ќе бидат во опозиција.
-Нема топ-шоп влада има дормео опозиција, затоа што преспавте додека се решаваа сите крупни прашања во државата, немате став. Немавте ни тронка храброст кога требаше без разлика на политичка кариера и перспективи да се носат одлуки за државата. Огромна е фрустрацијата и комплексот знам дека тоа боли. Нема повеќе ЈСП и парите, нема повеќе Орце Камчев да ви дава пари, нема да ги кршите законите, доаѓа време во кое со пријатели околу нас, како членка на НАТО низ поглавјата и преговорите отвораме сериозни економски перспективи на нашиот народ, одговори Заев.
На ова реагираа процедурално пратеници и од власта и од опозицијата, а спикерот Џафери ги замоли да го подигнат нивото на меѓусебната комуникација, да се обраќаат со почитување едни кон други и да не удираат по масите во салата.