Министерство за економија со честитка за 28 август – Денот на рударите во РСМ – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/20 5:12 PM

Министерство за економија со честитка за 28 август – Денот на рударите во РСМ

Министерството за економија во пресрет на 28 август – Денот на рударите во Република Северна Македонија им го честита празникот на сите рудари, соопштија од ова Министерство.

Рударството, стои во честитката на Министерство за економија, претставува база за развој на индустријата во една држава, а рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа.

Од таму додават дека заложба на оваа Влада е да озбезбеди одржливо рударство, преку користење на најдобрите и најсовремените техники во оваа индустриска гранка, а влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето да се сведе на минимум.

– Овој важен стопански сектор, и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот Рударство и вадењето на камен учествува со 8,3 отсто. Тоа значи дека инвестициите во рудниците, но и поддршката која ја дава Владата на овој сектор даваат резултати. Натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој, велат од Министерството за економија.

За таа цел, од ова Министерство потенцират дека Владата на Република Северна Македонија со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во секторот рударство, што ќе резултира со значително подобрен Закон за минерални суровини и подзаконски акти, водејќи се првенствено од начелото за одржлив развој, заштита на животната средина и безбедноста при работата.

Оваа година, традиционалната прослава по повод Денот на рударите, која ја организираше Министерството за економија нема да се одржи заради епидемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.