Поранешни кошаркари, кошаркарски работници, кошаркарски судии денеска се собраа во паркот пред денешноtо основно училиште „Ванчо Прке“, на местото каде што на 27 август 1933 година се одиграл првиот кошаркарски натпревар во Македонија, за да им оддадат почит на тогашните ентузијасти, но и уште еднаш да го реиницираат своето барање за изградба спомен-обележје на местото каде шо се одиграл тој натпревар.
„На ова место, каде што пред Втората светска војна се собирал многу народ, било направено и игралиштето на кое бил одигран првиот официјален кошаркарски натпревар во Македонија. Се надеваме дека, конечно, наскоро овде ќе никне спомен-обележје. Готово е идејното решение, Советот на Општина Штип има донесено одлука и одобрение за зградба на облежјето овде, а се надеваме и оти ќе се обезбедат спонзори за реализација на проектот“, рече некогашниот кошаркарски судија Тодор Рибарски.
Многу народ се слеал во Штип тој 27 август 1933 година покрај импровизираното игралиште на местото на денешниот парк пред основното училиште „Ванчо Прке“ во центарот на Штип. Сите сакале да видат што чудо од игра е тој баскетбол, за кој не се знаело ништо. Првите „баскетболисти“, пак, биле членови, универзални спортисти, главно гимнастичари, на штипското Соколско друштво, поделени во две екипи – „црни“ и “црвени“.
„Во неделата, на 27 август, во Штип е одигран братски натпревар помеѓу ‘црвените’ и ‘црните’ за кој владееше голем интерес. Резултатот беше 12-10 во полза на ‘црвените’. Одлично судеше Трајко Кошевалиски. Посетата беше во рекорден број“, напишал тогашниот весник „Вардар“ по мечот во Штип, кој се одиграл две години пред пред првото Европско првенство во кошарка во Швајцарија и три години пред дебито на кошарката како олимписки спорт на Олимпијадата во Берлин.
– Тоа бил значаен ден, прв кошаркарски меч одигран во Македонија. Не е забележан во историјата на македонската кошарка, бидејќи како почеток на овој спорт кај нас се зема периодот по Втората светска војна. Веројатно благодарение и на тој натпревар, Штип во годините потоа бил центар на овој денес многу популарен спорт. Штипски „Ванчо Прке“ бил македонски шампион во 1945. Во 1946 неговите играчи ја сочинувале македонската репрезентација која учествувала во Нови Сад на првенството на сите југословенски републики и покраини, на кое не дошла само Словенија. Македонија ги совладала другите противници, а во финалето загубила од Хрватска. За жал, во годините потоа кошарката во Штип почна да стагнира. Само неколку години во самостојна Македонија имавме прволигаш – вели Рибарски.
Првата кошаркарска топка во Штип била донесена во 1932 година од Марибор, Словенија, една година пред првиот натпревар. Баскетот го донел штипјанецот Трајко Кошевалиски. Тој и другар му Лазо Каламатиев, исто така гимнастичар и повеќестран спортист, изучувале занает во Словенија. Кога слушнале дека во Марибор ќе има прва презентација на нов спорт од страна на австриски стручњак, отишле. По презентацијата, Кошевалиски ја купил топката ја донел во Штип.
Според сеќавањата на сега покојниот Кошевалиски, кај неговите другари и пријатели топката и новата игра баскетбол побудиле голем интерес. Но, за посериозен натпревар било рано, па се одржал следното лето, односно на 27 август 1933. Ударнички биле направени игралиштето, таблите и кошевите. Мрежичките за кошевите ги исплел Петре Топликлиев. Првите баскетболисти биле: Лазо Каламатиев, Славе Кикиритков, Методи Балванлиев, Петре Кавраков, Илија Гочев, Киро Савев, Никола Гаќев, Киро Шапков, Ѓорѓи Спасиков, Петар Самарџиски… Судија на мечот бил Трајко Кошевалиски.