Со воена свеченост пречекана Kомандата на Бригадата за југоисточна Европа во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 08/26/20 7:31 PM

Со воена свеченост пречекана Kомандата на Бригадата за југоисточна Европа во Куманово

Со воена свеченост во касарната Боро Менков во Куманово се одбележа почетокот на работата на командатата на бригадата на Југоисточна Европа.

Куманово наредните шест години ќе биде домаќин на 40-ина претставници на армиите на Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.

На свеченоста присуствуваше највисокиот државниот и воениот врв предводен од претседателот Стево Пандаровски, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, техничкиот премиер Оливер Спасовски, началникот на генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и воени атешеа и амбасадори на земјите учеснички во бригадата.

На настанот беше извршено и примопредавање на должноста командант на бригадата, при што за нов командант е назначен Аристедеис Илиопулос.

Обраќајќи се пред присутните министерката за одбрана истакна дека и е задоволство што нашата држава ќе биде домаќин на ваква регионална иницијатива.

– Задоволството е двојно, првин Северна Македонија каде што беше формирана бригадата пред многу години ја пречекува оваа важна регионална иницијатива. Второто е што ова се случува во годината кога државата стана 30-тата земја членка на алијансата. Ова е голем успех за насно исто така носи одговорност, и покажува дека можеме да станеме посилен фактор во регионалната стабилност и да ја зајакнеме соработката – истакна Шекеринска.

Претседавачот на процесот на бригадата Петро Кочи се осврна на минатите години кога бригадата била стационирана во Грција и при тоа го поздрави договорот помеѓу двете држави.

– Сакам да им одадам чест на Грција и Северна Макеоднија за одличниот пример за храброст, да најдат ефективно решение преку дијалог, добра волја и меѓусебна доверба како добар начин на решавање на проблемите. Со што постигнаа историски договор, базиран на пријатество и соработка, при тоа одржувајќи регионална стабилност и создавајќи услови за подобар живот – посочи тој.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната, кој во 1998 година беше потпишан во Скопје.