Иако за неговите услуги беа заинтересирани половина екипи од Премиер Лигата, одличниот млад англиски голман Дин Хендерсон, потпиша нов долгогодишен договор со Манчестер Јунајтед и останува на „Олд Трафорд“ да се бори со Давид Де Геа за позицијата број еден помеѓу стативите.
Хендерсон, кој изминатата сезона ги бранеше боите на Шефилд Јунајтед и со сигурност беше еден од најдобрите голмани во лигата, ќе остане во Манчестер Јунајтед во следните шест години. Платата која ќе ја добива на неделно ниво ќе биде 120.000 фунти неделно, а со тоа ќе стане и еден од најдобро платените голмани во светскиот фудбал.
-Голманскиот департман во Јунајтед е феноменален. Тука се три одлични голмани кои имаат многу направено во кариерата и одвај чекам да работам со оваа група. Ќе дадам се од себе да напредувам и да изиграм што е можно повеќе мечеви за овој голем клуб, изјави Хендерсон за официјалното интернет гласило на Јунајтед.
Како негова замена, Шефилд Јунајтед го доведе младиот голман од испаднатиот Борнмут, Арон Ремсдејл.