Tиаго ќе биде голема загуба за Баерн, вели поранешниот тренер на Баварците – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/20 4:36 PM

Tиаго ќе биде голема загуба за Баерн, вели поранешниот тренер на Баварците

Баерн Минхен по шести пат го освои трофејот на Лигата на Шампионите. Екипата на Ханси Флик навистина беше доминантна оваа сезона и заслужено се искачи на европскиот врв. Еден од најдобрите поединци во „германската машинерија“ со сигурност беше некогашниот фудбалер на Барселона, Тиаго.

Последните неколку месеци се појавија шпекулации во медиумите дека Тиаго планира да ја промени средината после цели седум години поминати во Минхен. Премиер Лигата за него претставувала идеално место за продолжување на професионалната кариера, а се чини дека Ливерпул е најзагреан за неговите услуги.

Германскиот стручњак и некогашен тренер на Баерн Минхен, Отмар Хицфелд, коментираше дека заминувањето на Тиаго од Баерн ќе остави голема празнина во тимот која тешко може да се надополни.

-Секако, голема загуба. На почетокот од сезонава не ги покажуваше своите вистински квалитети, но како што поминуваше време напредуваше и се развиваше заедно со целиот тим, изјави Хицфелд.

Според него, доколку Тиаго замине, Баерн треба да направи сѐ за да го задржи Давид Алаба во клубот, бидејќи тој е еден од пиларите во овој тим на Флик.