„Јас и Скопје” – Повик за аматерски краткометражни видеа/влогови – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/20 2:44 PM

„Јас и Скопје” – Повик за аматерски краткометражни видеа/влогови

Здружение Лидери за едукација, активизам и развој отвори повик за изработка на аматерски краткометражни видеа/влогови. Со овој повик ќе бидат опфатени 10 млади ентузијасти кои ќе бидат дел од натпреварот „Јас и Скопје” и ќе продуцираат аудивизуелна содржина во форма на краткометражно видео/влог во кој ќе го претстават начинот на живеење во градот Скопје во услови на пандемија, можностите кои ги нуди, неговото секојдневие како и обележјата на истиот.
Повикот е отворен за млади од 15-29 години без оглед на претходно искуство и без оглед на опремата кој ја поседуваат и е со финансиска поддршка од Град Скопје, преку програмата за поддршка на граѓански организации и млади.
– Видеата може да бидат изработени и со аматерска опрема за снимање, вклучувајќи и мобилен телефон. Краткометражните видеа треба да бидат со времетраење од 10-20 минути. За учество на натпреварот потребно е да ја пополните следнава Апликациска форма и истата да ја испратите на info@lead.org.mk со назнака „Учество на натпреварот Јас и Скопје”, најдоцна до 15 септември 2020 година. Ве мотивираме да ги прикажете местата кои сте ги посетиле во последните 4-5 месеци, можностите што градот Скопје ви ги понудил во услови на социјално дистанцирање, како и секојдневните рутини кои преовладувале на улиците во услови на справување со вирусот КОВИД-19, информираат од ЛЕАД.

Избраните апликации (вкупно 10) ќе учествуваат на еднодневен вебинар за изработка на креативни видео содржини и ќе добијат рок од 30 дена за да го претворат концептот со кој аплицирале на овој повик во видео содржина. Креираните содржини ќе се натпреваруваат за најдобро видео, а за победникот на натпреварот предвидена е награда во вредност од 12.000 денари.