Во градот Портланд, во американската сојузна држава Орегон, продолжуваат антирасистичките демонстрации што започнаа по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, од страна на полицијата, пренесува агенцијата Анадолија.
Демонстрантите во Портланд претходниот ден протестираа против убиството на Афроамериканецот Џејкоб Блејк од страна на полицијата во Кеноша, во државата Висконсин.
Група од околу 200 демонстранти синоќа се упатија кон полициската станица во градот.
Демонстрантите палеа контејнери за ѓубре на улиците, фрлаа камења, шишиња и други предмети кон полицијата, која имаше преземено безбедносни мерки околу зградата.
Еден полицаец е лесно повреден од парче керамика фрлено од страна на демонстрантите.
Тензиите меѓу полицијата и демонстрантите продолжија до утринските часови.
Демонстрациите што започнаа на 29 мај во Портланд, по убиството на Џорџ Флојд на 25 мај, сè уште траат.
Во извештајот објавен на 21 август, полициското биро на Портланд соопшти дека во градот се одржале 83 протести и дека во протестите биле приведени над 500 лица.