Централниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед, Виктор Линделоф, паузата од долгата и исцрпувачка фудбалска сезона ја поминува во својата родна земја Шведска и тоа на многу невообичаен начин.
Ако од една страна го имаме вториот централен дефанзивец на Јунајтед, Хари Мегваер, како влегува во проблем со грчките власти поради тепачката пред ноќниот бар и физичкиот напад врз полициско службено лице, на другата страна го имаме поранешниот играч на Бенфика кој брка локални криминалци низ Шведска.
Имено, човек со велосипед ја грабнал чантата на 90 годишна жена и тоа пред очите на Виктор Линделоф и се упатил во непознат правец. Како на филм и како херој од „Марвел“, Линделоф веднаш почнал да трча по него, соборувајќи го на земја и спречувајќи го криминалецот во намерата.
Настанот се случил во гратчето Вастерас, каде што е роден впрочем шведскиот репрезентативец. Локалните власти јавно го пофалиле Линделоф за направеното, додека бабичката си ја добила назад чантата.
На социјалните мрежи навивачите на „црвените ѓаволи“ се шегуваат дека веста мора да е неточна, поради тоа што Линделоф не е толку брз и не постои шанса да престигне некого, особено не човек на велосипед.