Собранието утре ќе одржи седница на која на дневен ред е Предлог-одлука за утврдување на бројот на потпретседатели. Во Собранието е пристигната и оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на предлогот за министер за финансии Фатмир Бесими од ДУИ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.
Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието.
Во Собранието е пристигната и оставката од пратеничкото место на Фљорин Бесими, брат на идниот министер за финансии од Дуи Фатмир Бесими.
Според информации од Собранието, можно е утре пред почетокот на седницата закажана за 11 часот, да пристигнат и други оставки од пратеници кои мандатарот Зоран Заев ќе ги предложи за составот на новата Влада. Тоа се Мила Царовска, Никола Димитров…
Лидерот на СДСМ Заев најави дека ќе го поднесе предлогот за влада откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Собранието.
-Прво Парламентот мора да го утврди бројот на потпретседателите и уште некои други одлуки, а исто така, треба да го верифицира мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите. Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за влада и владината програма до Парламентот, изјави Заев за ТВ21.
Рокот до кој треба да биде поднесен предлогот за состав на нова влада е 2 септември.