Сојузот на средношколци идниот понеделник со протест ќе бара комбинирана настава – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/20 11:31 AM

Сојузот на средношколци идниот понеделник со протест ќе бара комбинирана настава

Сојузот на средношколци информира дека за понеделник, 31 август, го одложува протестот што го најави за петок затоа што 28 август е неработен ден за верскиот празник Голема Богородица.

Протестот ќе биде против одлуката за целосно онлајн-настава. Сојузот се залага за комбиниран модел и каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи. Според најавата, протестот ќе почне пред Министерството за образование и наука и ќе заврши пред Владата.

– Ги покануваме наставниците и родителите кои се залагаат за ваков децентрализиран пристап, наместо едно решение за сите групи, да ни се придружат, повика Сојузот на средношколци.

Делегација на Сојузот во петокот беше на средба во Владата, на која присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска и министрите за образование и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, на која, како што беше соопштено од владината прес-служба, претставниците биле запознати во детали со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на КОВИД-19 и дека таа е донесена врз основа на стручни анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.

На средбата било истакнато дека моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет-комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците.

Од Владата информираа дека била прифатена сугестијата на претставниците на Сојузот за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците и дека министерот за здравство Филипче ги поканил да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со КОВИД-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје.

МИА