Во Карпош одбележани 79 години од формирањето на Првиот партизански одред – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/20 10:41 AM

Во Карпош одбележани 79 години од формирањето на Првиот партизански одред

По повод 79-годишнината од формирањето на Првиот скопски партизански одред (првата партизанска единица на НОБ во Македонија), градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев и советниците Филип Даскаловски и Емилија Ризеска Спасова денеска положија цвеќе пред спомен обележјето во Карпош 3.

Пред спомен обележјето денеска цвеќе положија и претставниците од Сојузот на борци, Град Скопје и политички партии.

Како што соопштија од Општина Карпош, годинава како резултат на Ковид-19 пандемијата, настанот се одбележа со присуство на помалку лица и со почитување на мерките за заштита.

– Борците ни оставија аманет, секогаш да се бориме за слобода и подобра перспектива. Како нова генерација покажуваме дека можеме да работиме на зацврстување на безбедноста на државава. Членството во НАТО е гаранција, а отворањето на преговорите со ЕУ – влог во подобра иднина за сите нас, но и за нашите деца, внуци и идни поколенија, истакна градоначалникот Богоев во своето обраќање пред спомен обележјето.

Пред спомен обележјето се обрати и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Таа посочи дека дел од имињата на членовите од Првиот скопски партизански одред се меѓу предлозите за имиња на нови улици во главниот град. На овој начин, како што рече, трајно ќе им се заблагодарат на оние кои се бореле против окупаторот, предводени од идеалите за слободна и самостојна држава.

MИА