Елза е веројатно најпознатата дива свиња во светот, која светската слава ја постигна откако неодамна му ја украде ќесата со лаптоп на нудист во излетничко место крај Берлин. Сликите од бркањето на дивата свиња со нејзините две младениња го обиколија светот, а мајката со двете прасенца побегна од потерата на нудистот.
Но, жители и активисти од Берлин се загрижени и за Елза и за другите диви свињи околу езерото Теуфелсе, кои ја изгубија својата природна средина, но и стравот од луѓето, па надлежните служби најавуваат нивно „остранување“ поради страв дивите свињи да не станат агресивни или на луѓето, кои доаѓаат на овие простори, да им пренесат некоја болест, како свинскиот грип, на пример.
На подрачјето на Берлин секоја година се отстрелуваат по околу 2.000 диви свињи, а сезоната на лов почнува со почетокот на есента.
Деновиве во Груневалд се собраа луѓе и протестираа барајќи Елза и нејзините две прасенца да се поштедат. Онлајн-петицијата, под името „Да ја спасиме дрската, но мирољубива Елза“, веќе била потпишана од оолу 10.000 луѓе.