Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз очекува да продолжи соработката со новата влада штом ќе биде формирана во однос на евроатлантскиот пат на земјата, како и справување со пандемијата од Ковид 19 која претставува глобален предизвик.
-Партнерството меѓу САД и Северна Македонија е исклучително важно и исклучително силно и ние се радуваме на соработката со следната влада што треба да се формира. Да продолжиме со важната агенда која ја имаме за евроатлантска интеграција и силна соработка меѓу двете земји, како и во борбата против пандемијата која претставува глобален предизвик, изјави Брнз, одговарајќи на прашањето на МИА за очекувањата од новата Влада, што треба да се формира согласно постигнатиот договор на СДСМ и ДУИ.
Амбасадорката Брнз изјавата ја даде по посетата на лабораториите на Институтот за јавно здравје каде беше придржувана од министерот за здравство, Венко Филипче.
Реновирањето на лабораториите е овозможено со проект на Европската команда на САД, вреден 550.000 долари.