Доколку се погледне само крајниот резултат од полуфиналиот дуел во Лигата на Шампионите помеѓу Баерн Минхен и Лион, сигурно ќе се стекне импресија дека Баварците уште еднаш лесно „како воз“ поминале низ екипата на Руди Гарсија и се квалификувале без посериозни проблеми во финалето. Исто како што беше случај со првата полуфинална двојка, каде што ПСЖ навистина без проблеми и со „половина гас“ го елиминираше германскиот претставник Лајпциг.
Но, работите на теренот, особено во првото полувреме се одвиваа поразлично од предвиденото. Лион одлично го отвори мечот, поставената висока дефанзивна линија на Ханси Флик, во првите 20 минути во повеќе наврати беше надмудрена. За жал, францускиот клуб не ги искористи укажаните прилики и потоа следуваше фудбалското непишано правило – Серж Гнабри постигна гол. Гледачите не успеаа да ја видат репетицијата на промашената шанса на напаѓачот на Лион, Тото Екамби, а германското крило во стилот на Арјен Робен ја помина одбраната на Французите и со одмерен шут од дваесет метри го совлада голманот Лопес.
На самиот старт од двобојот, Мемфис Депај се најде во зицер ситуација со Мануел Ноер. Брзоногиот Холанѓанец го издрибла германскиот чувар на мрежата, но ја погоди истата само од надворешната страна. Дека Баерн Минхен не простува и дека секоја шанса во завршницата на ова натпреварување мора максимално да се реализира, стана и повеќе од јасно во 33 минута. Поранешниот фудбалер на Арсенал и ВБА (Тони Пјулис овие денови не е популарен лик во Бирмингем, тоа е сигурно), уште еднаш се најде на вистинското место и одбиената топка од голманот ја смести во неговиот гол.
Баерн очекувано во вториот дел ја контролираше играта и со точните додавања од нога до нога, практично го чуваше резултатот од 2:0. Влегувањето во игра на Муса Дембеле (останува нејасно зошто играч од тој калибар не стартуваше во двата дуели против Манчестер Сити и Баерн Минхен, но тоа се прашањта кои ќе треба Руди Гарсија да ги одговори), го разбуди заспаниот Лион. Тото Екамби повторно имаше убава прилика да го загрози голот на Ноер, но и овојпат Германецот беше поуспешен.
Во 88 минута од соочувањето на втората германско-француска двојка, Роберт Левандовски ја продолжи неверојатната голгетерска серија и во Лигата на Шампионите и го постави конечниот резултат, Баерн Минхен три, Лион нула.
Тимот предводен од Руди Гарсија покажа сериозен квалитет во овогиденшната европска кампања. Средниот ред составен од Тиаго Мендес, Хусам Аоар и Бруно Гимараеш, надополнет со напаѓачкиот двоец Депај-Дембеле, влева надеж за поранешниот редовен учесник во натпреварувањето и „џелат“ на Реал Мадрид, дека следната сезона во француското првенство ќе биде далеку подобра од изминатата и веќе од 2021/22 ќе партиципираат во елитното друштво.
Во недела во Лисабон од 21:00, финалниот меч е резервиран за ПСЖ и Баерн Минхен. Едните за првпат во својата историја, другите по единаесетти пат. Баерн Минхен има половичен учинок од пет добиени и пет загубени финалиња. Дали Баварците во недела ќе продолжат да газат пред себе и да го престигнат Ливерпул на вечната листа со шест освоени титули во ЛШ, или пак вложувањата на богатите арапски газди на Парижаните конечно ќе вродат со плод, останува да видиме.
https://www.youtube.com/watch?v=QtxQ80DO6C0