Новата Влада ќе брои 7 министерства помалку: Поголема родова еднаквост, нови имиња и министерски ротации – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/20 10:29 PM

Новата Влада ќе брои 7 министерства помалку: Поголема родова еднаквост, нови имиња и министерски ротации

Деветнаесет министерства наместо досегашните 26 ќе брои новата Влада, во која повторно ќе коалицираат СДСМ и ДУИ. Лидерот на социјалдемокртите Зоран Заев обелодени дека со првиот интеративец, Али Ахмети се договориле тој да ја води владата четири години, а во последните 100 дена на нејзино чело да стои премиер по предлог на ДУИ.

Парламентарното мнозинство е обезбедено и Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе одлука во врска со кадровските решенија, а Заев призна дека во јавноста имало многу критики за министрите без ресор, поради што тие функции се укинуваат.

„Бевме критикувани во јавноста, ние сме мала земја и треба да ги рационализираме нашите ресори. Во рамките на Владата во главната зграда има огромен број на стручни служби. Ќе создадеме секретаријати и дирекции за да испорачаат резултати во новите околности. Самиот менаџмент за привлекување на странските инвестиции ќе создаде капацитети преку административни работници што работат веќе во самата влада. Тоа ќе го создадеме таму каде што ќе биде потребно“, изјави Заев вечерва.

Тој информираше дека неговата партија го номинира генералниот секретар, Љупчо Николовски за вицепремиер за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси.

„Се работи за мониторинг на кадрите предложени од СДСМ. Генералниот секретар е првиот кадровик, тој прави контрола за криминал и корупција на функционерите. Ќе менаџира за создавање на уште посилни капацитети против корупцијата. Како втор човек во СДСМ верувам дека ќе испорача ефекти“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање како го замислува ова ново вицепремиерско место.

Инаку, според предлозите на партијата во новата Влада ќе има ротации на дел од министерствата, па така од функцијата министер за надворешни работи, Никола Димитров станува вицепремиер за европски политики, додека Фатмир Битиќи за економски политики. Оливер Спасовски се враќа на чело на Министерството за внатрешни работи. Министрите Радмила Шекеринска и Венко Филипче остануваат на чело на ресорите Одбрана и Здравство, додека некогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска е номинирана за министерка за образование. Според вечерашната одлука, актуелниот штипски градоначалник Благој Бочварски е предложен за министер за транспорт и врски, а за култура Ирена Стефоска.  На местото на Рената Дескоска во Министерството за правда е номиниран Бојан Маричиќ кој претходно од невладиниот сектор влезе во Владата како советник на премиерот за евроатлантски интеграции.

Извесно е дека Беса го добива ресорот Земјоделие, а ЛДП Локална самоуправа.

Денеска своите кандидати за министри ги објави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети според кој,  Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи министер за надворешна работи, Крешник Бектеши министер за економија, а Насер Нуредини за животната средина. Оваа партија го добива и Министерството за информатичко општество и администрација, но кој ќе министерува таму се уште не се знае, бидејќи ќе треба да се направат уште дополнителни консултации.

Ахмети потврди и дека претседател на Собранието ќе биде Талат Џафери.

Инаку новинарите вечерва го прашаа Заев на што се должат ротациите на министерствата и дали имало незадоволство од досегашните кадри, на што тој одговори дека кадровските решенија се усогласени консензуално:

„Им се заблагодаривме на досегашните министри од СДСМ. Важно е дека сите овие луѓе продолжуваат да бидат дел од тимот на СДСМ. Дескоска има желба да се врати на професијата универзитетски професор, но ќе продолжи да помага. Манчевски сигурно ќе преземе некоја функција во друга институција, како и другите. Ние сметаме на нивните капацитети. Градејќи се како носител на јавна функција се стекнуваат драгоцени искуства“.

Откако Владата ќе биде комплетирана, ќе се знае и кој ќе ги предводи институциите што се под извршната власт.