За првото појавување на Леброн Џејмс со новиот тим во плејофот да не биде запаметено како позитивно, се погрижија Лилард, Нуркиќ и останатите Блејзерси. Тие го совладаа Лос Анџелес Лејкерс со 100:93 и ја зграпчија победата во првиот од потенцијалните седум дуели во оваа серија на Западот.
-Откако сме во „баблот“, секој натпревар за нас беше плејоф натпревар. Затоа и бевме подготвени. Ова е една победа, патот е долг. Среќен сум што сум овде и што се натпреварувам во плејофот, изјави популарниот Dame.
Лилард постигна 34 поени, додека пак неговиот опонент и најдобриот играч во лигата, Леброн Џејмс, забележа 23 поени, 17 скокови и 16 асистенции. За Леброн ова претставуваше 24-ти постсезонски трипл-дабл, а скорот од 16 асистенции персонален плејоф рекорд.
Центрите на двете екипи исто така имаа солидни партии позади себе. Нуркиќ со 16 поени и 15 скокови и Дејвис со 28 поени и 11 скокови за Лејкерс, не заостануваа многу позади лидерите на своите тимови.
Портланд за местото во плејофот и дуелот со „езерџиите“ се избори во плеј-инот против Мемфис Гризлис и победата над Мемфис беше првата победа во тој формат по 1956 година. Блејзерси по седми пат по ред се квалификуваат за нокаут рундите во плејофот.
Овој натпревар ќе биде забележан и поради интересниот момент во првиот дел од дуелот, кога по додавањето на Леброн Џејмс, поранешниот центар на Орландо Меџик, Двајт Хаурд, заби од зицер ситуација и неговото „влечење“ предизвика обрачот на едниот кош да се искриви. По интервенција на техничкиот тим, натпреварот продолжи во регуларен тек.