Парижаните конечно дочекаа финале, Лајпциг непрепознатлив – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/20 4:35 PM

Парижаните конечно дочекаа финале, Лајпциг непрепознатлив

Баерн или Лион во финалето за првата титула во историјата на клубот. Парижаните на Тухел обезбедија завршни 90 минути и денес ќе го чекаат подобриот од вториот француско-германски судир во полуфиналето на Лигата на Шампионите.

Париз Сен Жермен вчера беше убедлив против младиот и полетен тим на Нагелсман. Лајпциг од мечот против Атлетико Мадрид и Лајпциг против ПСЖ, два различни поими, два различни тимови истрчаа на двата дуели. Германците не можеа да ја играат својата директна игра, а иницијативата на условно кажано гостите беше инстантно наградена уште во 13 минута од натпреварот. Ди Марија одлично го изведе прекинот по кој дефанзивецот Маркињос само се поклони пред голманот на Лајпциг, Гулачи.

Расположените Ди Марија, Нејмар и Мбапе, буквално летаа по теренот, правејќи им огромни проблеми на противничките дефанзивци. Асистенцијата на Бразилецот кон неговиот аргентински соиграч му донесе водство од 2:0 на ПСЖ при крајот на полувремето и тогаш отприлика работите станаа повеќе јасни. ПСЖ го сака ова финале и ПСЖ ќе игра во него.

Продорот на Ди Марија во 57 минута најдобро го искористи Хуан Бернат и го постави конечниот резултат. Лајпциг се обиде во неколку наврати да се врати во игра, но стабилната дефанзивна линија на ПСЖ, предводена од Преснел Кимбембе не дозволи изненадување во оваа фаза од мечот.

Oтсуството на напаѓач кој ќе знае да ги валоризира шансите пред противничкиот гол, конкретно отсуството на Тимо Вернер, силно се почувствуваа во екипата на Нагелсман во вчерашната пресметка.

-Никогаш не бев релаксиран, но начинот на кој ние се браневме беше нешто најубаво за мене. Желба, дух и квалитет. Останавме доследни на својот стил на игра, контролиравме, особено малиот простор и контранападите. Стартната брзина на Ангел, Килијан и Нејмар ни помогнаа полесно да ја движиме топката помеѓу линии, изјави Томас Тухел.

За Лајпциг исто така годинешното искуство во ЛШ претставуваше историја, со оглед на тоа дека клубот е формиран во 2009 година, а сезонава Лајпциг само вторпат учествува во ова натпреварување.

-Билетот за финалето на ПСЖ е заслужен. Во првите десеттина минути имавме некоја иницијатива, но потоа не игравме добро. Париз има многу квалитет, тешко е да се прифати тој факт, но фудбалот е таков, кратко коментираше Наглесман по завршувањето на двобојот.

Финалето во недела во Лисабон ќе биде прво во историјата на ПСЖ, но потенцијално и прво финале на вториот француски претставник Лион, кој вечер од 21:00 ќе се обиде уште еднаш да ја изненади фудбалска Европа, по елиминациите на Јувентус и Манчестер Сити.

https://www.youtube.com/watch?v=lWl-ODAqv1k