Германската министерка за земјоделство Јулија Клекнер (ЦДУ) има намера да им гарантира на кучињата доволно прошетки и внимание, но и да воведе построги правила за транспорт на домашни животни, односно миленичиња, како и за нивно одгледување. Министерството за земјоделство објавува дека новата регулатива треба да биде објавена во првите месеци од следната година. Министерката Клекнер веќе подготви нацрт, кој сè уште треба да биде усогласен со провинциите и професионалните здруженија.
Регулативата, меѓу другото, треба да ги обврзува сопствениците на кучиња да им обезбедат на своето животно најмалку две прошетки на ден, вкупно еден час, надвор од кафезите на одгледувачницата.
„Домашните животни не се плишани мечиња – нивните потреби мора да бидат земени во предвид“, рече министерката за германската агенција ДПА.
Кучињата треба да се движат доволно и не треба да останат сами премногу долго. Приватните и професионалните одгледувачи треба да поминуваат најмалку четири часа на ден со своите кутриња, за да се навикнат на луѓе. Исто така, треба да се регулира дека еден одгледувач може да се грижи за најмногу три легла истовремено – тоа е потомството на една кучка. Врзани кучиња, т.е. држењето ги кучињата постојано на поводник, во основа треба да биде забрането, т.е. дозволено само под одредени околности.
На прашањето како треба да се контролира сето ова, особено кога станува збор за приватни сопственици на животни, портпаролот на министерот одговори дека службите во покраината се одговорни за тоа. Но, тие сигурно нема да ѕвонат кај секој сопственик на врата и да прашаат дали го прошетал своето милениче. Ова првенствено се однесува на оние кои ги чуваат кутрињата во кафези, односно одгледувачниците.
Министерката Јулија Клекнер исто така сака да пропише дека транспортот на животни внатре во Германија може да трае максимум четири и пол часа, доколку температурите надминат 30 степени.
„Само во лето и кога температурите се високи, треба да спречиме животните да страдаат“, вели Клекнер, додавајќи:
„Затоа спроведувам посторги правила за транспорт, кои ги надминуваат правилата на ниво на Европската унија“.
Покрај најавените нови правила, сопствениците на кучиња во Германија се исто така должни да плаќаат даноци за своите миленици. Ова на пр. во Бон е 150 евра годишно ако имаат едно куче – 192 за друго куче, а 240 евра годишно за трето и секое следно куче. Данокот за „опасните кучиња“ (борбени кучиња) е 780 евра годишно – за првото куче. За друго опасно куче и секое последователно 1.020 евра.
Извор: b92.net
Фото: ordinacija.tv/vom.rs/novilist.hr