Кога ќе се спојат талентот, љубовта и воспитувањето, тогаш несомнено се добива успех. Ова важи за сестрите Илина (14) и Ева (10)Соколовски, кои се по потекло од Скопје, но со семејството живеат во германскиот град Белефилд. Овие две девојчиња со својот успех ја направија Македонија горда надвор од границите, а пандемијата не ги спречи да продолжат понатаму, да прават колекција од медали по ритмичка гимнастика. Па и кога поради пандемијата запре се, тие не беа од оние деца на кои родителите не знаеја што да им прават, напротив, на отворено секој ден тренираа, за да кога ќе почнат натпреварите, бидат комплетно подготвени. Токму ова е причина од секое натпреварување да се враќаат со злато, Ева досега има само први места, додека Илина, иако е се уште млада, сепак, стаса до Бундес лига.
-Во нашето семејство никој не се занимавал професионално со спорт и навистина не знам од каде талентот на Илина и Ева кон ритмичката гимнастика. Спорот им е во крв, љубовта е голема кон гимнастиката е голема и е на прво место, пред играњето со деца, додека беа помали. Со сопругата ништо не сме им сугерирале, едноставно ова е нивен избор, вели Горан, таткото на Илина и Ева.
Се почна пред неколку години кога Илина имаше седум години и почна да вежба во училиште. Но, набргу тренерот го забележал нејзиниот талент и почнала да реди први место во општински, па републичките, за да на крај стаса до Бундес лига и се натпреварува во сениорска категорија, со спортистки генерациски поголеми од неа. Помалата Ева, пак, одејќи на натпревари и гледајќи ја својата сестра и возбудата и адреналинот кога ќе ја прогласат победата, почнала и таа да вежба. Резултатот е- колку натпревари толку први места.
-Отсекогаш сум го сакала овој спорт и додека вежбам јас уживам. Никогаш не ми претставувало проблем тренирањето. Се радувам на секој успех. Понекогаш сум имала трема пред натпревар бидејќи се натпреварувам со поголеми од мене, но тоа исчезнува кога ќе почнам, вели Илина.
Ева, пак, чекори по стапките на Илина и вели дека вежбањето за неа никогаш не претставува проблем.
-Најголем идол ми била сестра ми, но сега веќе тренирам од љубов и тренинзите ми претставуваат задоволство, додава таа.
Пандемијата и прекинувањето на натпреварите им ги прекина и медалите. Но, и покрај тоа двете не престанаа да вежбаат, да тренираат, за да кога ќе се почне повторно со професионалчни натпревари, бидет подготвени за нови резултати.
-Натпреварите престанаа, училиштето престана, но со сопругата никогаш не сме имале пробелм со тоа што се дома. Секој ден тренираа на отворено и тоа не сме ги терале, туку по нивна желба. Секој ден кога ќе станат едвај чекаат да тргнат на тренинг. Како родители ние сме пресреќни со нивните успеси и навистина е гордост кога на прогласување на победниците, за најдобро ќе го прогласат твоето дете, вели татко им.
Пандемијата се уште трае а тренинзите продолжуваат. Ако се биде како треба и не се заострат мерките, прв постпандемиски натпревар во Бундес лигата ќе биде на пети ноември, кога и се очекува уште еден златен медал.