Неделков: Не смее да се унифицира еден модел за настава, нема исти услови во сите училишта – ММС
ММС

Објавено на: 08/16/20 11:17 AM

Неделков: Не смее да се унифицира еден модел за настава, нема исти услови во сите училишта

Во сите училишта во земјава нема исто условите за работа, па затоа не треба да се унифицира еден модел за настава којшто ќе важи за сите е ставот на претседателот на Синдикатот на образование, наука и култура(СОНК), Јаким Неделков. Тој во интервју за Радио Слободна Европа зборува за образованието во услови на пандемија, за малите одвојување од буџетот за образование, за состојбите во училиштата и вреднувањето на знаењето.

Ние сме Синдикат за образование, наука и култура кој што има статутарна обврска да ги штити интересите на вработените во училиштата. Во оваа ситуација тоа значи пред се безбедноста и здравјето на вработените во училиштата. Овие три модели се предложни како ќе се изведува наставата. Ние можеме да кажеме од аспект на наставници и на родители за едната, другата или третата опција, меѓутоа немаме надлежност да определуваме каков вид на настава ќе се спроведе од првиот учебен ден.

Нас ни е јасно и на јавноста и е јасно дека условите за работа не се подеднакво исти во сите училишта на национално ниво, па според тоа, според мене, не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите. Различни се по многу основи. Прво по број на заразени во средината, имаме стандарди на колку жители максимум колку заразени би било нормално, ако може така да се каже нормално. Понатака имаме број на ученици во училиште, број на ученици по паралелки. Имаме училишта со соодветни услови за изведување на ваква или онаква настава, училишта кои се несоодветни, па имаме и локална средина, односно родители и ученици немаат технички можности да следат конкретно онлајн настава итн. Значи сето тоа е индивидуално и по нас како Синдикат би било најсоодветно да се прифати она решение кое најмногу ќе одговара на локално ниво, односно она училиште, пред се училишниот одбор ќе се одлучи за кое училиште како да работи“ , смета Неделков.

Во однос на тоа колку од наставниците се подготвени за онлајн наставата, за која има најави дека ќе се спроведува за учениците од повисоките одделенија, Неделков вели дека не е сигурен.

„Не сум сигурен дали се потполно подготвени, со оглед на тоа што еве и од март наваму бевме како наставници затечени, меѓутоа ние сме доста и трудољубиви и креативни па успеавме на некој начин успешно да ја завршиме учебната година без ниту еден пропуштен ден без одвивање на наставата. Колку тоа вроди со плод или не можат анализите да покажат. Мислам дека веќе од понеделник дека ќе почнат активните обуки во училиштата за примена на онлајн настава“.

Тој додава дека неизбежна ќе биде онлајн или комбинирана настава кадешто дел од училишта ќе работат онлајн, дел со физичко присуство на ученици и наставници. Затоа смета дека независно од моделот по кој од септември ќе се одвива наставата, наставниците во секој случај ќе мора да бидат подготвени и за држење часови онлајн.