Во Специјалната болница по гинекологија „Мајка Тереза” во Чаир, евидентирано е зголемување на бројот на породувања во изминатите седум месеци, во споредба со истиот период минатата година.
Од почетокот на оваа година, до крај на јули, годинава, се извршени 2.511 породувања, што е за речиси 300 породувања повеќе, во однос на овој период лани, кога биле реализирани 2.222 породувања.
Од болницата информираат дека и во услови на КОВИД работата во оваа болница тече регуларно, односно болницата ги спроведува породувањата, како и сите прегледи и скринизи за фетусни аномалии.
-Во нашата болница постојано се преземаат мерки за заштита од Ковид-19, задолжително е носење маска, на пациентките им се мери температура на влез и дозволен е влез само на пациентката што е дојдена на преглед, додека придружбата чека надвор. Исто така, е задолжително носење заштитна опрема на вработените, се врши и зајакната хигиена и дезинфекција во собите и во ходниците, а се врши и почесто земање брисеви од работните површини и од воздухот, информираат од Специјалната болница по гинекологија „Мајка Тереза” во Чаир.
Инаку, по 40 години, целосно се реновирани двете гинеколошки операциони сали во болницата во Чаир, а значајна новина е и гасификација на оваа јавна здравствена установа.
И во услови на пандемија со Ковид-19 продолжува унапредувањето на условите во сите јавно-здравствени установи и подобра здравствена грижа за сите граѓани.