Во неговото родно село Глобочани, општина Пустец, беше одбележана 106-годишнината од раѓањето на големиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе.
Почит му оддадоа поголем број Македонци кои положија свежо цвеќе на бистата која е поставена во центарот на селото.
Од име на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, почит му оддаде и свежо цвеќе положи Васил Стерјовски, претседател на партијата и пратеник од оваа партија во албанскиот парламент.
-Глобочени и Преспа со право се горди што на Албанија и дадоа голем човек и писател чии дела се вградени во албанската книжевност како важен придонес на Македонците во албанското општество, рече меѓу другото Стејовски.
Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.
Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?”,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.
Албанскот претседател Илир Мета,пред две години, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето”.
-Стерјо Спасе останува писател, граѓанин, интелектуалец, публицист, кој го создаде својот историски обем и е дел од оние личности кои на историјата и дадоа посебен квалитет, рече Мета на врачувањето на признанието кое го прими синот Илинден Спасе.
Неговиот познат роман “Зошто” го најави создавањето на современа литература во Албанија, рече во таа прилика Мета и додаде дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.
-Како истакнат син на македонската заедница, Стерјо Спасе стана духовна инспирација и мост на соработка меѓу Албанците и Македонците. Животот, активноста и делата на оваа посебна и истакната личност е хармонична симбиоза во еден човек на двете општества или народа во полза на хармонија и љубовта. Вечно да е неговото дело. Стерјо Спасе секогаш ќе остане едно и неделливо, оцени Мета.
И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Албанија во Република Унгарија.