Негативен ПЦР – тест стана услов за патување во земјите низ регионот, со исклучок на Албанија и на Турција. Условот не важи за транзит низ земјите при влез на граничен премин за воздужен сообраќај, како и на копнен граничен премин, но потребно да се потпише изјава за транзит и да се напушти односната земја во рок од три часа.
Србија овој услов го воведува од денеска, за сите граѓани на нашата земја, Хрватска, Бугарија и на Романија. Црна Гора, пак, ја укина забрзаната за влез во земјата, но најверојатно со приложување на негативен ПЦР – тест.
Имено, според одлуката на Кризниот штаб на Србија донесена вчера, за влез во земјата државјаните на Македонија, Хрватска, Бугарија и на Романија треба да имаат негативен ПЦР-тест, кој нема да биде постар од 48 часа, при што рестрикциите нема да важат за граѓаните на Црна Гора.
– Таа одлука ќе важи од 15 август, и нема да се однесува на српските државјани кои доаѓаат од територијата на тие земји, изјави епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.
Пропишаниот период од 48 часа, според Кисиќ Тепавчевиќ, започнува да тече од моментот на издавање на сертификатите од страна на лабораториите, а одлука е донесена врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, како и врз основа на трендот на заболување од коронавирусот.
Црна Гора исто така од денеска ќе ги отвори границите за граѓаните на земјава, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и за Косово. Како што изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, за влез во Црна Гора најверојатно ќе биде потребен негативен ПЦР-тест или серолошки тест ЕЛЕСА.
Според него, одлуката за отворање на границите е донесена по барање од туристичката заедница, а начините за влез во земјата треба да ги одреди денеска на седница Националното координативно тело.
Дел од приштинските медиуми јавија дека Владата на Косово на вчерашната седница одлучила „да ги отвори државните граници на Република Косово” со нашата земја, Албанија и Србија, оценувајќи дека тоа значи оти граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.
Меѓутоа, членот на косовската Влада, Халил Матоши во изјави за МИА прецизира дека одлуката на Владата „да ги отвори државните граници на Република Косово со земјава, Албанија и Србија” се однесува на олеснување на одредени царински процедури со тие три земји и не значи дека се укинува обврската за приложување ПЦР-тест за македонските граѓани при влез во земјата.
Тој изјави дека станува збор за „погрешно толкување од страна на некои медиуми” на дел од соопштението од седницата на владиниот Кабинет.
– Оваа одлука се однесува единствено на отворањето на одредени гранични премини со тие земји, со цел да се олесни движењето на граѓаните, но тоа не значи дека се укинати досегашните мерки и протоколи против пандемијата на Ковид-19. Значи, остануваат на сила сите мерки кои Владата ги има усвоено порано, а кои се однесува на влегувањето во земјата на граѓаните од странство, појасни Матоши.
Нашата земја, пак, меѓу првите го воведе условот за негативен ПЦР-тест за влез во државава. Според одлуката објавнеа на 10 јули државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на нашата држава задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез во земјава. Воедно треба да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Доколку само транзитираат можат да ја поминат границата без ПЦР-тест.
Одлуката на Владата беше донесена по предлог на Комисијата за заразни болести по разгледување на актуелната епидемиолошка состојба во четирите земји согласно информациите добиени од медицинските власти во тие земји.
Забраната за влез во земјите од ЕУ Брисел ја воведе на 1 јули и се уште е во сила. Бугарската Влада одлучи делумно да ги олесни мерките за влез во земјата за пет држави, меѓу кои и Северна Македонија, при што од 28 јули македонските државјани можат да влезат во Бугарија само со негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Според бугарската Влада, одлуката за овие олеснувања е на барање на туристичкиот сектор во земјата.
МИА