Беше првото лице на „новиот европски Вардар“, по преземањето на скопскиот тим во 2013 година од рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и на некој начин предвесник на она што Вардар го направи години подоцна. Професионалните ветришта го однесоа на Блискиот Исток, каде што се здоби со огромна почит по освојувањето на Азиската Лига на Шампиони со катарскиот Ел-Џаиш.
Минатата година Зоран Кастратовиќ се врати во Македонија, овојпат на другата страната од градот и кај лутиот ривал на Вардар, РК Металург. Новата сезона во македонското ракометно првенство и европските натпреварувања ни е пред прагот и по тој повод Кастратовиќ за mms.mk објасни какви се неговите прогнози за неговиот тим за 2020/2021. Со него зборувавме и за подемот и падот на ракометот на екс-ју просторите и за тоа како е да се живее со спортски и ракометен фанатик и колку ракометот како таков влијае врз бракот со прославената македонска ракометарка, Индира Кастратовиќ.
Веќе традиционалниот турнир во Струга ни дава до знаење дека новата ракометна сезона е пред прагот, ростерите затворени, а амбициите зацртани. Колку сте задоволни од играчкиот кадар на РК Металург за сезоната 2020/21 и колку може овој тим да игра квалитетно на три фронта?
-Во сезоната која е пред нас Металург влегува значително засилен. Играчите коишто се донесени, со својот квалитет и искуство треба да го донесат Металург во позиција на остварување на зацртани цели, а тоа е пред сè во есенскиот дел, пласман во групната фаза на Лига на Европа. Предизвиците во домашното првенство, како и настапот во Купот на Македонија, нè очекуваат следната пролет.
Помина долго време откако за последен пат Металург беше шампион на Македонија? Дали сметате дека оваа сезона е „таа“ сезона во која може да му се земе скалпот на македонскиот и европски шампион Вардар?
-Сите ние кои сме ангажирани во клубот сметаме дека во сезоната пред нас, која ќе се игра во поинакви услови предизвикани од Ковид-19, имаме состав којшто може да се вмеша во борбата за трофеи.
Првото квалификациско коло за Лига Европа ви ја носи на мегдан хрватска Спачва? Колку сте запознаени со противникот и колку Металург е подготвен да прогресира во второто по квалитет европско клупско натпреварување, доколку успешно ги помине квалификациите?
-Имам квалитетни информации кога е во прашање првиот противник во европското натпреварување. Она што е најсвежо е натпреварот од пријателски карактер кој екипата на Спачва го играше со Нексе од Нашице пред некулку дена. Нашиот противник во еминентното натпреварување има неколку измени во ростерот од минатата сезона, но она што за мене е важно дека тренерот на екипата е истиот што претпоставува незнајни разлики во системот на игра.
Дел од вашата тренерска кариера ја поминавте на азискиот континнент и тоа поприлично успешно, освојувајќи ја со катарски Ел-Џаиш, Азиската Лига на Шампиони. Како се осврнувате на овој период? Какво беше вашето искуство во Катар?
-Да се биде тренер на Блискиот Исток е секако искуство кое што е невообичаено, поинакво, кога е во прашње тренажниот процес и квалитетот на играчи. Згора на тоа катарската федерација одлучува за сè, па така можно е да се случи да екипа што има голем број на репрезентативци во различни возрасни категории, дури и играчи на ракометот на песок, бидат отсутни подолг период, кога се во прашање клупските обврски. Таков случај беше и со екипата којашто ја предводев. Она со што е одбележан мојот престој во Катар се големите промени во составот на екипата пред и после Светското првенство. Што се однесува до резултатите на екипата, тие беа според очекувањата, а тоа е полуфинале на „Супер глоуб“ и освојување на Азиската Лига на Шампиони.
Нашето генерално мислење се состои во тоа дека ракометот е европска игра и дека на останатите делови од светот ракометната игра не е доволно квалитетна и се игра на релативно аматерско ниво. Примери од последните неколку големи светски собири ни го покажаа токму спротивното, а и се поголемото присуство на ракометари од Азија во европскиот ракомет не одат во прилог на првичната констатација. Пред доаѓањето во Металург, вашиот последен тренерски ангажман беше во Иран. Како во Иран се гледа на ракометот, колку го сакаат истиот какви се разликите со европскиот?
-Инаку Иран има голем број на ракометните печалбари низ Eвропа, сепак ракометот во таа држава е на маргините. Некои други спортови, покрај фудбалот имаат приоритет. Тука пред сè мислам на одбојката. Ракометот не се пренесува на иранските телевизии, поради тоа, а и резултатите не се толку атрактивни и популарни во таа скоро деведесет милионска земја. Бев ангажиран како селектор на сениорската репрезентација и координатор на стручната работа во младинските категории. Имав чест да ги предводам Иранците на Азиските игри, но за жал без играчи коишто настапуваат во европските клубови. Освоеното петто место на тие игри на кои во Азија им се придава големо значење беше ист резултат од Азиското првенство кога селекцијата на Иран настапи во комплетен состав. Својот престој таму го завршив со тридневен семинар на којшто бев единствен предавач и во теорискиот и практичниот дел.
Впечатокот, поткрепен со резултатите на терен, е дека репрезентациите од екс-ју просторите се движат во надолна линија, освен Хрватска и Словенија кои повеќе или помалку се факторизираат на светската ракометна мапа, додека Црна Гора, Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, регресираат во развојот и резултатите на големите натпреварувања. На што се должи ваквото нешто?
-Без квалитетна база и стабилната економија, којашто треба да обезбеди соодветни финансиски услови, нема врвен спорт. Тоа што е евидентно е дека младата популација се одлучува за други спортови наместо за ракометот. Во меѓувреме, клубовите немаат трпение за создавање на новите квалитетни млади играчи поради барање на соодветните резултати. Се до моментот додека повторно во клубовите не се зајакне стручната работа со младинските категории сметам дека нема да има сериозна придобивка ниту за клубовите, ниту за репрезентациите во било која категорија да се работи. За да имаме напредок и во стручната работа би требало да се регулира и статусот на тренерите, поради фокусот на тренажниот процес и сопственото усовршување.
Кои се вашите проекции за македонската ракометна репрезентација во следните пет години?
-Ќе биде успех и самиот пласман на големите натпреварувања, особено пласман на Светските првенства.
Вие ги носите боите на Металург, вашата сопруга Индира оние на „лутиот“ скопски ривал Вардар. Дали тоа носи некој вид на благ немир во домот на семејството Кастратовиќ?
-Семејството ни е убаво избалансирано. Шала на страна, Индира работи на нов проект на афирмација на млади македонски ракометарки. Нејзината работа е да се создаде квалитет од кој ќе профитира и нејзиниот нов клуб и репрезентативните селекции. Јас, од друга страна се обидувам, заедно со моите колеги, управата и играчите, да направиме се да го вратиме ракометен клуб Металург на позициите од пред неколку сезони. И едната и другата работа се големи предизвици за мене и Индира.
И двајцата сте долго време во ракометот и имате оставено на свој начин своевиден печат. Дали и колу често ви се разединуваат мислењата во врска со ракометот како таков?
-Само додека еден од нас беше активен играч. Со започнување на тренерската кариера на Индира, мислам дека во мене имаше поддршка како за време на играчката кариера, со постојана комуникација, размена на мислења кога се во прашање методите на тренинзите и подготовката за натпревар. Што се однесува до подготовката на психолошки план мислам дека, патем двајцата сме инфицирани со вирусот наречен ракомет, тоа се различни светови и дека таа има поинаков пристап као тренер. Исто така и таа мене ми е најголемата поддршка во мојата тренерска кариера и тврдам дека брак во кои се двајцата сопружници спортисти, функционира подобро врз основата на заемно разбирање, кога двајцата партнери добро ги познават предизвиците и искушенијата кои што ги носи професионалниот спорт. Двајцата знаеме како да се однесуваме кога сме под притисок, а притоа бракот да не трпи од професионалните ангажмани.
Давор Јосифоски
Фото: tasnimnews.com/total-montenegro-news.com/sportmedia.mk