Заев го доби мандатот, вети европска, демократска и одговорна влада ослободена од етнички предрасуди – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/20 11:45 AM

Заев го доби мандатот, вети европска, демократска и одговорна влада ослободена од етнички предрасуди

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Во обраќањето пред претседателската вила Водно, откако мандатот му беше врачен, Заев рече дека најверојатно, пред да помине законскиот рок од 20 дена, земјава ќе добие ефикасна влада, влада која ќе го продолжи вистинскиот пат – кон ЕУ, која ќе го развива концептот „едно општество за сите”, ослободена од какви било национализми и етнички предрасуди.

– Чест и одговорност ми е што како предводник на СДСМ и коалицијата „Можеме” денеска од претседателот Пендаровски го добив мандатот за составување нова, европска, демократска одговорна влада со институции кои уште подобро ќе им служат на граѓаните. Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе има додели мандат да им служат на граѓаните, нагласи Заев.

Според него, Северна Македонија ќе добие влада која ќе го продолжи јасниот правец – ЕУ, просперитет и долгорочна стабилност. Владата ќе има квалитетни, одговорни и отчетни кадри, а приоритет ќе бидат економијата, борбата со криминалот и корупцијата, како и прочистувањето на праводсутвото.

– Владината програма ќе биде во најголем дел посветена на економијата, на раст на плати и пензии, на вложувања во младите, во раст и развој, во грижа за најсиромашните, во поддршкја на домашното стропанство. Ќе водам влада која не знае за скршнување од патот и која по членството во НАТО, продолжува кон членство во ЕУ, истакна Заев и во оваа прилика упати честитки за Рамковниот договор зашто денес се навршуваат 19 години од неговото потпишување.

Претседателот Пендаровски пред да го довери мандатот се обрати кусо.

-Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме”, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието, рече Пендаровски.

Според член 90 од Уставот, по добивањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.