Чешиново-Облешево: Бесплатни паќети со вода за пиење ќе се делат на жителите, почна и пријавувањето за претрпените штети – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/20 3:20 PM

Чешиново-Облешево: Бесплатни паќети со вода за пиење ќе се делат на жителите, почна и пријавувањето за претрпените штети

Бесплатно, пакувана вода за пиење ќе добијат жителите во општината Чешиново-Облешево, чии што домаќинства претрпеа големи штети од минатонеделните поплави.

Со оглед што се работни за рамничарски населби во кои населението главно се снабдува од сопствени пумпи и бунари, локалната самоуправа сака на овој начин да спречи евентуални здравствени проблеми од загадувањето на подземната вода.

-Поради загаденост на локалните извори за водоснабдување, Општината обезбеди доволни количини пакувана вода што ќе им бидат поделени на жителите. Водата ќе може да се подигне в четврток на два пункта, и тоа во 10 часот во просториите на јавното комунално претпријатие во Облешево и во 12 часот во паркот во село Чешиново, информираа од локалната самоуправа.

Покрај снабдувањето со вода за пиење, што е најприоритетно за локалното население, од Општина Чешиново-Облешево потсетуваат дека тече и рокот за поднесување пријави до Комисијата за проценка на штети од поплавите, за да може да се обезбеди обесштетување.

И општина Кочани денеска  ги повика жителите од населените места Горни Подлог, Долни Подлог и Грдовци кои поради обилните врнежи претрпеа штети во домаќинствата, дека можат да пријават потреба од дезинфекција на телефонските броеви: 033 274 093 и 033 271 193.

Рокот за пријавување е до петок, 14 август 2020 г. Ќе се спроведе и дезинфекцијата која ќе ја вршат екипи од Територијалната противпожарна единица – Кочани.