Ива, Андреј, Горазд, Давид, Мелани, Лука и Теодор се дечиња кои живеат во скопската населба Припор и самоиницијативно го собираат сметот што возрасните го расфрлаат, за да си направат простор за играње. Дечињата се на возраст од четири до девет години и на таа возраст им удрија шлаканица и на нивните родители и на (не)грижата на институциите, бидејки нивната желба да си најдат простор за играње е многу поголема од несовесните возрасни. Зошто овие дечиња се толку несреќни, па за да си играат мораат прво да чистат разговаравме со Оливера Ацковска, една од мајките, од која и добивме дозвола за објавување на фотографиите.
-Ова се дечиња кои се комшивчиња, деца кои се желни за простор за игра, деца кои живеат блиску до дива депонија, деца кои од тетка Оливера научија што е селектирање отпад. За оваа акција сами се организираа, дури и ние возрасните бевме изненадени. Улицата е слепа и тие секој ден се на улица, оти нема каде да играат. Пред некој ден им го снема џагорот и веднаш се стрчав за да видам што се случува. Ги затеков во близина на долот, на дивата депонија, како собираат смет, да си направеле простор за играње. Овие дечиња минатата недела направија тезга на улица, извадија свои играчки да ги продадат, за да соберат пари да купеле место и да си направиле игралиште.
Ова беше шок и за нас родителите, бидејки никој од нас родителите не им кажал дека тоа треба да го прават. Ние родителите им купувавме од играчките и цртежите но кога им кажавме дека парите не се доволни за да го откупат местото, си купија сладоледи. Па и минатиот пат кога ги видов како собираат ѓубре без ракавици, им дадов ракавици за да не факаат со голи рачиња. Собраа сами цели две ќеси ѓубре, вели Оливера, која одблиску ни ја објасни „ѓубреџиската“ состојба во нивната населба.
За оваа населба досега неколкупати се правеле прилози во медиумите поради нечистотијата и поради дивата депонија, чија миризба ја вдишуваат секој ден.
-Некогаш тоа било игралише, а сега канализација и ѓубриште, од каде се шири смрдеа, а за кое сме виновни ние жителите и нашето немање на еколошка свест. Оваа состојба не ја живееме од вчера, не имало досега неколку пати по медиумите, но како што може да се види се е џабе. Прво пред неколку години ни падна потпорниот ѕид на улицата и загина работник, па сега има спор и ништо не е направено. Од тогаш така стои, ни направија алтернативен пат, кој поминува низ приватен имот, што секако дека не е решение. Патот го посипаа со чакал, кој поради обилните дождови се растече низ улицата. Едно време од општината донесоа канти за рециклирање на отпад ама на луѓето им беше полесно да го фрлаат сметот во долот отколку во контенјнерите.
Па по некое време, бидејки контејнерите за рециклиран отпад беа празни, општината си ги повлече. Ова што го зборувам и многу сериозно и вистина, само јас на колку сум им ги земала ќесите од раце за да не ги фрлат во долот. А тука има околу 2.000 куки. Не занам колку пати само топката на децата им паднала во фекалиите, кои ги дишат додека играат. Сите што реновираат сметот го фрлаат тука, па е полно со шут, стакло, стар мебел. И не знам што да се направи за да се подигне свеста и на луѓето и на институциите, бидејки навистина вака не може да се живее, додава Оливера.
Дечињата денес добија подарок маички од актерката ирена Ристиќ, една од главните членки на #не бидиѓубре. Таа на својот Фејсбук профил напиша:
-Возрасни!!! Ако не ви е срам дечиња да чистат по вас, слободно продолжете со фрлање. Браво, деца мои!!“