Словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс” вечерва на програмата на „Охридско лето” – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/20 6:45 AM

Словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс” вечерва на програмата на „Охридско лето”

Деветиот фестивалски ден на годинешното издание на „Охридско лето” резервиран за концертот на словечениот гудачки квартет „Дисонанс”, во состав Јанез Подлесек како прва виолина, Матјаж Поровне како втора виолина, Оливер Диздаревиќ на виола и Клемен Хвала на виолончело.

Уметниците од гудачкиот квартет „Дисонанс” прв пат се собрале во 2014 година за премиерно да изведат дело на словенечкиот композитор Лојзе Лебич, компонирано три децении претходно. Изведбата на делото во квартет била одлично примена од стручната публика, а музичкиот критичар Грегор Помпе за дневниот весник „Дневник” ќе напише: „Овој ад-хок составен квартет за изведба на делото од Лебич беше вистинско изненадување. Станува збор за дело штое е бескомпромисно модерно, поради што веројатно досега не се нашле домашни музичари кои би го извеле, но затоа детерминираноста на младите музичари од Словенечката филхармонија длабоко навлезе во звучните каскади и придонесе кон возбудлива изведба. Би било навистина одлично кога овие музичари би креирале постојан ансамбл”.

По таквиот прием кај критиката членовите на „Дисонанс” навистина одлучиле да останат присутни на класичната музичка сцена, именувајќи го ансамблот со името на Моцартовиот гудачки квартет во C-dur, KV 465.

Од основањето квартетот „Дисонанс” има настапувано во концертното ателје на Сојузот на словенечките композитори, на Светските музички денови во 2015, на фестивалот Собошки денови во 2016, на фестивалот во Марибор, на интернационалното биенале за современа музика во Копер и др. Во соработка со италијанскиот кларинетист Микеле Марели квартетот настапува на летниот фестивал во Акви Терме, Алесандрија во 2015 година, а го реализира и проектот„Деконструиран Моцарт” во рамките на интернационалниот циклус „Симфониски гласови” во Копер. Според членовите на ансамблот, името на квартетот ја отсликува нивната тенденција покрај класичната музичка литература, посветено да изведуваат и современа музика, особено напишана од словенечки композитори.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Тартини, Лебич, Волф и Бетовен. За „Дисонанс” е резервирана сцената на Предворјето на катедралната црква „Света СОфија”, со почеток на концертот од 21 часот.