Момче ноќеска загинало откако на него налетало специјално возило за растерување демонстрантни на белоруската полиција, а во растерувањето на демонстрантите во Минск има десетици ранети и повредени, пренесуваат повеќе медиуми повикувајќи се на белоруската невладина организација „Весна“.
Во Минск, главниот град на Белорусија, од полицијата биле уапсени повеќе од 110 демонстранти, а вкупно во Белорусија, по вчерашните избори на кои пак победи Лукашенко, ноќеска биле приведени 213 луѓе.
„Сите противправни дејства беа со закани и со насилство кон припадниците на полицијата, од кои десетици се повредени“, велат од Истражниот комитет на Белорусија, кој најавува кривични пријави за „масовни нереди и насилство кон полицијата“, пренесува агенцијата БЕЛТА.
Според опозициски извори, на протестите во Минск ноќеска имало околу 100,000 луѓе.