Најмалку седум луѓе смртно страдаа во силното невреме кое го зафати грчкиот остров Евиа, меѓу кои и повозрасен брачен пар и осуммесечно бебе. Најмалку две лица исчезнаа, изјави министерот за упрвување со кризи Никос Хардалиас.
Невремето доведе до голема материјална штета, оштетувајќи патишта и мостови, посебно на југот на Халкида, околу 100 километри од Атина. Прекината е патната комуникација, а единствен начин да се дојде до островот е со траект.
Противпожарната служба прими 495 повици, од кои 47 се однесуваа на луѓето заглавени во куќи и во своите возила. Најмалку осум од 47 лица се евакуирани со хеликоптери.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изрази сочувство до семејствата на смртно страданите лица.
Од Цивилната заштита на Грција наведено е дека во регионот ќе продолжат лошите временски услови, а граѓаните ги предупредија да преземат мерки на заштита.