Тешко е да се биде врвен уметник и да се одржува семејството- Исмаил Лумановски преку Широк Сокак реди успеси на светската сцена – ММС
ММС

Објавено на: 08/10/20 8:00 AM

Тешко е да се биде врвен уметник и да се одржува семејството- Исмаил Лумановски преку Широк Сокак реди успеси на светската сцена

Битола, градот на конзулите и градот на клавирите e град кој претставува вистински расадник на уметници, од музичари, актери, спортисти па се до писатели. Широк сокак, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, Тумбе кафе, Саат кулата, писмото на Кемал Ататурк испратено до Елени Каринте сместено во музејот на Кемал Ататурк во Битола, Крк Кардаш се само дел од синонимите кои се поврзуваат со овој град.

Таму некаде во Ат пазар маало, на 19 ти август 1984 година се родил вируозот на кларинет кој освен што е гордост на Битола, гордост е на светската музичка сцена што го има. Роден е во музичко семејство, каде уште на осумгодишна возраст почнува целосно да му се посветува на кларинетот како негова прва љубов. Неговото име е Исмаил Лумановски.


Исмаил многу често знаеме да го гледаме на концерти во Македонија, како гостин или поддршка на македонски артисти исто толку успешни, Љубојна, Дуке Бојаџиев, Крсто Роџески, но зад ова момче се кријат бројни успеси за кои нашата публика многу малку знае.

Тој живее во САД веќе 18 години твори таму и има основано семејство, во родна Битола, како што вели самиот, во годината доаѓа на секои четири до пет месеци, но оваа година е спречен поради пандемијата, со што носталгијата кон неговиот град ќе мора да ја замени со нешто друго, а тоа е најчесто музиката и неговото семејство. MMS.MK успеа да стапи во контакт со Исмаил Лумановски, кој со задоволство ја прифати поканата да ни одговори на нашите прашања, а за возврат добивме искрени и топли одговори.

https://www.instagram.com/p/CDTuVikHSJh/

ММС: Исмаил, како е животот во Њујорк, се чувстуваат ли последиците од пандемијата?
Лумановски: Пандемијата се чувствува секаде низ целиот свет, но тука во Њујорк имаше силен бран од почетокот, во март, но моментално е малку подобро, стабилизирано. Но сепак се превземаат строги мерки за заштита од вирусот. Последиците од пандемијата ќе ги дознаеме целосно од кога ќе заврши поради тоа што не знаеме како цел уметнички ентертејмент бизнис ќе биде ефектиран од целата ситуација. Не се знае конкретно како концертните сали и сите места што подржувале жива музика ќе излезат од оваа неизвесна и тешка ситуација. Ќе видиме.

ММС: Колку пандемијата влијаеше на твојата кариера, имаше ли откажани концерти?
Лумановски: Сите концерти од март до ноември се надвор од САД. Од друга страна се создаде време малку повеќе да се концентрирам на кариерата дома – онлајн. Компонирам, снимам, одржувам настани.

https://www.instagram.com/p/CCMUzbSHwku/

ММС: Колку често се враќаш во Македонија, односно Битола?
Лумановски: Во Македонија доаѓам на секои 4-5 месеци со исклучок оваа година. Генерално доаѓам за настапи, а истовремено и гледам да ми остане малку време да се видам со роднини и пријатели и да си ги посетам омилените места кои што ми недостасуваат.

ММС: Блиските твои соработници знаат да те наречат „Смајко“ од каде овој надимак?
Лумановски: Немам конкретен одговор. Сите што се викаат Исмаил добиваат автоматски Смајко субституција 🙂 Како на пример Александра – Цаци или за Иванчо – Ване. Јас не ја гледам конкецијата Исмаил и Смајко но тоа е тоа 🙂

ММС: Оставаш впечаток на скромно и помалку срамежливо момче кое не сака сам да се пофали за тоа што го сработил и направил туку оставаш тивките успеси и дела да говорат за тоа. Таков си и во приватниот живот? – Каков е Исмаил Лумановски приватно, кои карактеристики си ги сметаш за предност а кои за недостаток?
Лумановски: Колку убаво поставено прашање. Ако јас оставам таков впечаток како што го опишавте вие тоа би ме правело многу среќен. Се стремам што повеќе да работам и да правам оригинални проекти што ме тераат да се надградувам цело време. Влегувам во непознати терени за да се почувстувам поразен и да го отфрлам сето негативно его што секој еден музичар може да го поседува многу лесно. Јас мислам дека уметничкиот и приватниот живот се движат паралелно и затоа ќе речам што сум на сцена тоа сум и дома. Предноста во мојот карактер е тоа што се обидувам да учам секој ден и да се обновувам, се обидувам да ги анализирам сите карактери и да ги наоѓам најдобрите особини од истите. Недостаток ми е брзо донесување одлука и реализиација. Премногу се ставам во детално мислење пред да донесам и најпроста и неважна одлука 🙂

ММС: Веќе си во брак четири години, со вашата сопруга Ѓулчин имате и едно дететнце Едис Јон како се снајде во новото животно поглавје и во улога на татко? Балансот е она што му е потребно на човек за да постигне на сите полиња од животот. Како успеваш да избалансираш во животот помеѓу кариерата и татко и сопруг?
Лумановски: Во брак сум веќе скоро 4 години и имаме едно машко дете Едис Јон кој има 20 месеци, и очекуваме ќерка во септември. Балансот е многу важен за сите нас, уметниците. Многу е тешко да се биде уметник со распоред како мојот и да се одржува фамилија. Јас се чувствувам многу среќен што го најдов вистинскиот партнер, мојата сопруга Ѓулчин која што секогаш стои позади мене и ме поддржува за да можам да ја задржам креативноста и активноста без кои еден уметник не може да ги гради. А тоа што сум татко ме става во друга димензија за да се разбудам самиот себе си и да влезам уште подлабоко во уметничкиот израз. Една од најубавите нешта што се случи во пандемијата е тоа што ми се даде можност да бидам со мојот син, да уживам со него ден и ноќ 🙂

ММС: Како најчесто го поминуваш времето кога си заедно со семејството?
Лумановски: Во април и мај бевме дома нон стоп. Ѓулчин и Едис никако не излегоа од дома два месеци. Сега бројот на заразени до Ковид 19 е паднат и излегуваме од време на време по големи паркови каде што нема многу луѓе. Поради тоа што мојата сопуга е бремена во моментов немам многу големи активности надвор. Дома играме фудбал со малиот, свириме, спортуваме заедно, гледаме филмови, читаме книги.

https://www.instagram.com/p/CAQIiaDHfaz/

ММС: Исмаил ти недостасува ли Ат пазар маало, Широк сокак, твоте битолчани и како го надоместуваш недостатокот?
Лумановски: Па секако дека ми недостасуваат многу работи од Битола, но доаѓам често, па така се балансира чувството на носталгија.

ММС: Навикнати сме да те гледаме на концерти кај Љубојна, Дуке Бојаџиев,во комбинација со Каролина Гочева, Крсто Роџевски, Македонска филхармонија колку често си во комуникација со сите овие твои пријатели и соработници?
Лумановски: Со сите пробувам да бидам во контакт колку што можам повеќе. Овие врвни уметници не се само пријатели и соработници туку и фамилија. Голема музичка фамилија. Пред се сите се многу добри души со најубави карактери. Уживам кога настапувам и се дружам со нив.

ММС: Што ново ни подготвуваш, кои се следните закажани музичи предизвици?
Лумановски: Оваа година со моето трио “The Secret Trio’  снимавме албум во соработка со познатата американска пејачка и композиторка Becca Stevens која често настапува со David Crosby. Овој албум ќе биде продуциран од страна на Michael Legue (Snarky Puppy). Многу сум возбуден за овој прокет. Има тотално различен „филинг“ од се друго што сум работел. Во моментов требаше да бидеме во Шпанија да снимаме видео запис како подготовка на издавање на албумот. Но ќе почекаме уште неколку месеци.

ММС: Со оглед на моменталната ситуација во нашата земја, и општо во светот кои се шансите летово „Битолското лето“ да биде збогатено со име како Исмаил Лумановски?
Лумановски: Јас моментално не можам да патувам никаде за жал. Колку би сакал да бидам во можност да настапам на Битолско лето. Но сигурен сум дека следното лето ќе бидам таму и ќе можам да ја споделам мојата музика со моите најмили.

Габриела Додевска