Планинари од Кочани се искачија на највисокиот турски врв Голем Арарат – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/20 2:59 PM

Планинари од Кочани се искачија на највисокиот турски врв Голем Арарат

Петмина членови на планинарскиот спортски клуб „Осогово” од Кочани успешно ја реализираа тридневната експедиција и се искачија на врвот Голем Арарат, кој со 5.137 метри е највисок во Република Турција.

Предводени од претседателот на клубот, Тошо Антов, кочанските планинари се соочиле со лоши временски услови и исклучително ниски температури за овој период од годината, проследени со ветер и врнежи од снег.

-Целата наша екипа успеа без проблеми да се искачи на врвот, каде поради непријатните услови имавме доволно време само да се фотографираме и гордо да го развиориме македонското знаме. Со нас имаше и една група од Србија, но поради недоволната физичка и психичка подготвеност само половината од нив стигнаа до врвот, истакна Антов.

Подготвките на нашите планинари за искачувањето на највисокиот турски врв траеја еден месец, а се реализираа со сопствени средства, со што го потврдија приматот за најдобри во источниот регион на државата.

ПСК „Осогово” во изминатиот период постигна забележителни резултати, меѓу кои искачувањето на врвовите Килиманџаро, Елбрус и Фуџи, како и на највисоките планински точки во Норвешка, Италија, Словенија и на Балканот.

Освен тоа, Антов стана прв лиценциран планински водич во Кочани и координатор за маркирање на источната трансферзала. Клубот што тој го предводи, во 2018 година трет пат по ред беше прогласен за најуспешен од страна на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.