Штип-Нема да се плаќа паушалот на градинките за месеците од март до август – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/20 1:49 PM

Штип-Нема да се плаќа паушалот на градинките за месеците од март до август

Родителите нема да го плаќаат основниот паушал на градинките за месеците март, април, мај, јуни, јули и август. Ваква одлука донесе градоначалникот Благој Бочварски, заедно со директорките на двете детски градинки во градот. Овој паушал инаку е наменет за тековно работење, одржување и за материјални трошоци на градинките. Станува збор за суми од 520 денери месечно или вкупно за сите месеци тоа се  2.8 милиони денари. Предлогот ќе биде доставен до Управните одбори на двете детски градинки, но крајниот збор ќе го има штипскиот совет, информираше на денешната прес-конференција Бочварски.

„Јас сметам дека ова е тешко време за сите и поради тоа ја донесовме оваа одлука заедно со директорките и очекувам  истата да добие поддршка од страна на Управните одбори и од страна на Советот,“ рече Бочварски.

Од септември се очекува во штипските градинки за се згрижат од 1050-1100 деца. Во тек се анкети меѓу родителите, колку од нив се заинтересирани да ги користат услугите на детските градинки.

Новите протоколи за работа на градинките, комплетно ќе се промени начинот на работа на градинките, вели директорката на детската градинка „Астибо“,Билјана Трајкова.

„Со протоколите е уредено деца од 0 до 2 години да можат да бидат во група по шест, додека за останатите од 2-10 години да бидат по 15 деца во група, максимум. Д.Г „Астибо“ моментално располага со 46 занимални. Ние можеме да згрижиме околу 650 деца од различна возраст,“вели Трајкова.

За работата на градинките, Комисијата за заштита од заразни болести даде јасни препораки на кои ние треба да се придржуваме, вели директорката на Д.Г „Вера Циривири-Трена,“ Софка Атанасова.

„Задолжително да се мери температурата наутро на сите вработени што ќе дојдат на работа како и на децата. Родителите мора да бидат во тесна соработка со нас, ако дојде до промена на здравствената состојба на детето, да се изолира. Потребно е и задолжително, хигинеските услови да се подигнат на повисоко ниво,“ додава Атанасова.

Во оваа детска градинка може да се примат 450 деца. Поради заминување во пензија  на вработени, можно е да има проблем со кадар но од тука се надеваат дека проблемот ќе се надмине.

Укинувањето на плаќањето на паушалот за градинките, според градоначалникот е уште една од низата мерки како помош за граѓаните во услови на пандемија.