Општината ги откажа концертите во Охрид за претстојниот викенд – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/20 8:27 AM

Општината ги откажа концертите во Охрид за претстојниот викенд

Општина Охрид и ЈП „Билјанини Извори“ денес преку соопштение информираа дека концертите кои беа закажани за 7-ми и 8-ми август 2020 година на Градскиот стадион, од страна на една музичка продукција, нема да се одржат.

„Просторот на Градскиот стадион нема да биде изнајмен за овие концерти, затоа што е утврдено дека организаторот нема да може во целост да го испочитува Протоколот за начинот и условите за организација на настани, кој го донесе Владата на Република Северна Македонија“, стои во соопштението од Општина Охрид

Општина Охрид упатува препорака до останатите менаџерски куќи да ги откажат концертните настани во Охрид доколку немаат капацитети за почитување на овој Протокол и спроведување на мерките за заштита од Корона вирусот „Ковид 19“.

„Во насока на остварување на економскиот бенефит, кој туристичките чинители го имаат од организирањето на ваквите концертни настани, Општина Охрид ќе даде дозвола за одржување на концерти на локации со кои стопанисува општината, само доколку организаторите гарантираат почитување на препораките за заштита, кои се утврдени со одредбите од Протоколот и ја преземат целокупната одговорност за здравствената безбедност на публиката“, се наведува во соопштението.

 

 

фото: илустрација