Сител и Канал 5 заработиле над половина милион евра на Парламентарните избори – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 6:21 PM

Сител и Канал 5 заработиле над половина милион евра на Парламентарните избори

Две од петте национални телевизии – Сител и Канал 5, повторно го зедоа најголемиот колач од рекламните пари за Парламентарните избори 2020 и двете заедно заработија 563.500 евра.

ТВ Канал 5 е за нијанса подобра од Сител и од државата, која ги плаќа партиските реклами, побрува над 283.000 евра, додека Сител 280.000 евра. Овие две телевизии ги држеа првите две места по заработка и на Претседателските избори 2019, каде износите беа речиси двојно поголеми. ТВ „Сител“ изборите ги заврши со наплатени 564.000 евра, додека Канал 5, со 372.500 евра.

Двете телевизии заедно на Претседателските избори 2019 и на Парламентарните избори 2020 година, успеја да инкасираат околу милиони и пол евра за партиски реклами. Со изменините на изборната легислатива, овие средства се обезбедуваат од државниот буџет.

Што се однесува до останатите телевизии, Телма побарува над 136.000 евра, Алфа над 125.000 евра, ТВ 24 119.000 евра, додека Алсат М на овие избори заработи скромни 20.000 евра, за разлика од Претседателските избори 2019, кога тој износ е 129.300 евра. Од регионалните и локалните телевизии, битолска Тера побарува околу 68.000 евра, а штипски Стар 58.000 евра.

Ова се податоците, кои ги доставиле радиодифузерите до Министерството за финасии и другите институции, каде се должни да реферираат.

Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР презентирајќи ги привичните наоди од мониторингот на ден по Парламентарните избори забележа известувањето на медиумите во текот на предизборната кампања.

„На медиумското известување за изборите му недостасуваше критички осврт на платформите, а одредбите во врска со платеното политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми партии“, стои во првичната оценка на мисијата на ОБСЕ.