УНИЦЕФ: Ковид 19 ја засили детската сиромаштија во земјава – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 2:29 PM

УНИЦЕФ: Ковид 19 ја засили детската сиромаштија во земјава

Пандемијата на Ковид-19 ја засили детската сиромаштија во Северна Македонија. Семејното насилство се зголеми за време на пандемијата, при што
децата претставуваа речиси десет проценти од жртвите. Регистрирана е и зголемена појава на врсничко насилство меѓу згрижените деца во облиците на згрижување во системот на социјална заштита. Како резултат на рестрикциите и ограничувањата во движењето, зголемена е повредата на правото на видување на децата со родителот со кој не живеат.

Ова се главните наоди од истражувањето на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје за социјалните и економските ефекти на Ковид-19 врз децата во Северна Македонија. Анализата беше спроведена во партнерство со Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк”, со поддршка од УСАИД.

– Најсиромашните деца може да страдаат повеќе од Ковид-19 како резултат на комбинираните ефекти на повеќе ризици и неповолности, како недоволен пристап до интернет и лоши услови за домување, што може да биде особено важно за напредокот
во учењето на децата во време на затворање и неработење на училиштата. Ваквите слабости се особено видливи кај децата од ромската популација, се потенцира во истражувањето.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјава, рече дека децата индиректно ја чувствуваат кризата предизвикана од пандемијата, и тоа зависи од финансиската состојба, можностите и условите во кои живеат. Истакна дека Ковид-19 ја засилил детската сиромаштија во Северна Македонија, при што 16.000 деца живеат под прагот на сиромаштија. Зголемено е и семејното насилство, истакна Ди Џовани, при што десет отсто од жртвите се деца. Посочи и дека Ковид-19 ја одложил болничката грижа за мајките и новороденчињата.

-За Владата ова е покомплициран процес за да се справи, а истражувањето утврди дека се добри мерките како што е олеснување на критериумите за социјална помош, како и финансиската помош што до некој степен ја олеснија сиромаштијата меѓу децата, но не е доволно направено на тој план, рече таа.

Повика штом ќе биде формирана новата Влада, како и сите граѓански здруженија и заедно родителите, да се фокусираат на децата и да се насочат кон обликување на иднината и кон следната фаза на управување на пандемијата, бидејќи од тоа, рече таа, сите ќе имаме придобивки.

-Иако се чини дека, во споредба со возрасните, децата и младите имаат помала веројатност да се разболат од вирусот, пандемијата на Ковид-19 има огромно влијание на начинот на кој тие учат, на начинот на кој нивните семејства заработуваат за да ги задоволат потребите и на тоа колку се чувствуваат сигурни во домовите и заедниците или средината во која живеат, изјави Ди Џовани.

Порача дека потребни се насочени мерки за децата да не станат невидливи жртви кои ќе го носат на грб најголемиот дел од долгорочното влијание на кризата.

Американската амбасадорка во Северна Македонија Кејт Мери Брнз во своето обраќање рече дека децата пандемијата ја почувствувале на многу уникатен начин, а на сето тоа врз нив влијаел и стресот на родителите и на наставниците.

-Како што се наведува и во студијата, децата се многу засегнати од пандемијата на еден специфичен начин. Немаше одење на училиште, движењето беше ограничено, на сето тоа тие мораа брзо да се прилагодат, мораа итно да се адаптираат и на учењето од далечина преку он лајн програми. Тие го чувствуваа и стресот на родителите и на наставниците и сето тоа ќе има влијание на идните генерации, рече Брнз.

Според неа, од суштинско значење е да го разбереме влијанието на Ковид-19 врз младите за да може заедно да најдеме најдобар начин за намалување на последиците. -Преку нашето партнерство со УНИЦЕФ и тесната соработка со Министерството за здравство и другите одговорни владини тела за да помогнеме да се идентификуваат овие предизвици и да се пронајдат најдобри начини за да се одговори на нив, рече Брнз.

Истакна дека мора да се градат политики за идните чекори за младите луѓе да одат понатаму. Брнз во своето обраќање потсети дека САД преку УСАИД во земјава доделија 1,5 милиони долари финансиска помош во напорите на земјава за справување со кризата на Ковид-19.

Ковид-19 ја засили детската сиромаштија во Северна Македонија. Многу извесно е дека пандемијата втурна дополнителни 16.000 деца под прагот на сиромаштијата. Ова е еднакво на зголемување на стапката на детска сиромаштија од сегашните 29,3 проценти на 33,3 проценти, стапка што не е забележана во земјата откако се спроведува Анкетата за приходи и услови за живеење (2010), се наведува во истражувањето.

Се додава дека образовниот систем во земјата се префрли на учење од далечина прилично брзо по физичкото затворање на училишните и предучилишните установи, но сепак спроведувањето на овој процес беше препуштено на самите училишта и наставници, без унифицирање на користените алатки и методи, што создаде нееднакви можности за учење кај децата.

Анализата забележува дека иако немаше прекин во рутинските здравствени услуги, се забележа застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, а не поради намалена понуда на услуги.

-Најсиромашните и најранливи членови на општеството се најзасегнати од пандемијата. Од студијата откриваме дека треба навистина да се загрижиме за благосостојбата на децата, главно во однос на начинот на кој им се сменија животите од корен. За новата влада ќе биде важно конкретно да мисли на децата кога ќе ги осмислува мерките во иднина. Децата во земјата мора да бидат важна компонента на закрепнувањето од Ковид-19 за да постигнеме поодржлива и поинклузивна економија и општество, изјави Марјан Петрески, главен аналитичар од Фајнанс Тинк кој детално ја презентираше анализата.

Со анализата се потенцира дека со реформите за социјална заштита од 2019 година детскиот додаток им стана достапен на поранливи категории, поддршката стана посеопфатна со воведување додаток за образование и се воспостави поеднаков однос кон загрозени домаќинства од различен тип. Сепак, кризата покажа дека има уште домаќинства со деца на кои им се потребни дополнителни услуги, особено кога училиштата се затворени.

Наодите повикуваат на преземање акција преку политики кои ќе се фокусираат на децата и ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза на правата на децата: прво на сите деца треба да им се овозможи продолжување на образовниот процес со тоа што со мерките што ќе се преземат во здравството и образованието ќе се земе предвид долгорочното влијание на прекинатото учење, со осмислување план со кој од септември 2020 година ќе се обезбеди сите деца да учат на училиште или да имаат на располагање унифициран пристап за учење од далечина, или комбиниран пристап за учење од далечина и во училница.

Се препорачува да се заштитат децата и жените од насилство, експлоатација и злоупотреба со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на центрите за социјална работа и другите суштински заштитни служби, бидејќи со кризата уште повеќе излезе на виделина постојниот јаз меѓу помалку и повеќе ранливите домаќинства.

 

МИА