„Анадолија“: Балканските земји во Курбан Бајрам влегуваат во сенка на Ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 11:38 AM

„Анадолија“: Балканските земји во Курбан Бајрам влегуваат во сенка на Ковид-19

Балканските земји во Курбан бајрам влегуваат под сенка на новиот вид коронавирус (Ковид-19), кој повторно го зголемува влијанието во овие земји и предизвикува економска криза.

Во Скопје и во другите градови на Македонија, во споредба со минатиот Курбан бајрам, чаршиите и пазарите генерално се празни, додека продажбата на курбаните на пазарите има сериозен пад поради влошената економска состојба.

Од друга страна, поради ширењето на болеста „синиот јазик“ кај овците, се советува таквите животни да не се колат за Курбан бајрам.

Скопското муфтиство поради болеста „синиот јазик“ и Ковид-19, препорача кожите од курбаните да не се собираат туку да бидат погребани во земја.

Продавачот на курбани, Мемети Весели, во изјавата за дописникот на агенцијата „Aнадолија“, рече дека во споредба со минатите години, оваа година продажбата е многу намалена.

Наведувајќи дека народот се плаши од болеста и не доаѓа да купува курбан, Вејсели рече: „Претходните години беа подобри. Оваа година досега е многу слабо. Да видиме што ќе се случи последниот ден.“

Вејсели, посочувајќи дека на пазарот донел околу 60 курбани, рече дека цените се движат од 100 до 300 евра.

Ерол Сејди, продавач на зачини на Бит пазар, истакнувајќи дека претходните години за Бајрам луѓето биле посреќни, рече дека поради стравот од вирусот пазарите се празни.

Истакнувајќи дека продажбата е намалена за 50-60 проценти, Сејди рече: „Поранешните Бајрамски празници беа многу подобри. Имаше повеќе работа, сега работата е намалена. Ама тоа е Господ. Се надевам дека ќе се спасиме.“

Ирфан Бајрам, продавач на чанти во Старата скопска чаршија, потсети дека изминатите години имале повеќе работа.

Нагласувајќи дека поради епидемијата од Ковид-19 работата е намалена, Бајрам рече: „Во споредба со периодот пред Ковид-19 нашата работа е намалена за 60-70 проценти. Во однос на минатата година работиме со 30-40 проценти намален капацитет.“

Тахир Емин, кој продава кожа и сувенири за туристите, истакна дека дуќанот го отвориле пред 5-6 месеци, но дека работа нема.

„Можеби ќе издржиме месец, до месец и пол. Видете, тука познавам најмалку 20-30 кираџии кои ги затворија своите дуќани“, нагласи Емин.

– Во Косово забранети се религиозни активности поради Ковид-19

Од друга страна, Владата на Косово, како дел од новите мерки преземени поради епидемијата од Ковид-19, забрани да се организираат верски собири и активности во земјата.

Во Албанија поради Ковид-19, традицијата за клањање на бајрам-намаз на плоштадите е одложена.

Во претходните години, за Курбан бајрам илјадници муслимани бајрам-намазот го клањаа на плоштадите и булеварите во Тирана. Оваа година ќе се клања во одредени џамии со мерките за физичко растојание.

Во Македонија, Исламската верска заедница ги советуваше муслиманите утринската молитва да ја извршуваат дома. Додека за бајрам-намаз најавени се мерките намазот да не надминува 15 минути, да се почитува физичкото растојание и секој да си носи сеџаде каде што ќе ја изведе молитвата.