Доколку барате идеална храна со малку калории, а многу витамини и минерали, консумирајте домати. Поради своите енергетски, хранливи и лековити вредности, доматите често пати се наоѓаат на нашите трпези во салати и различни јадења.
Нутритивни вредности на доматите
Доматот потекнува од Средна Америка, а во Европа е донесен после колонизацијата на Америка. Тој е идеална храна за сите кои што внимаваат на својот изглед и одржувањето на баланс во организмот, затоа што содржи малку калории и голем број на нутритивни состојки. Во 100 грама домати има само 18 калории, така што спаѓа во групата на ниско калорична храна. Покрај тоа, доматите се многу добар извор на растителни влакна. Во 100 грама домати има 1 грам на растителни влакна, кои што го подобруваат варењето на храната, овозможуваат раст на корисните бактерии во цревата и превенираат појава на запек.
Од витамините, најзастапен е витаминот С, а доколку изедете еден среден домат, ќе задоволите 26% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Витаминот С е познат антиоксиданс, кој е значаен за виталноста и создавањето на сврзното ткиво (колагенот), кое и помага на нашата кожа да има здрав и затегнат младешки изглед. Витаминот С има носечка важност и е еден од најважните состојки кој има улога против стареењето, а исто така му овозможува на телото подобро да се бори против инфекции и го штити од слободни радикали.
Покрај витамин С, доматот е одличен извор на витаминот А, кој е природен флавоноиден антиоксиданс. Еден среден домат задоволува 20% од дневните потреби на организмот за витамин А. Витаминот А е потребен за одржување на здрави мукозни мембрани и кожа, а е неопходен за добар вид. Консумирањето на природна храна која е богата со флавоноиди му помага на организмот во заштитата од канцер на белите дробови и усната празнина.
Од витамините застапени се витамин К, В6, фолна киселина, ниацин, витамин Е, тијамин, рибофлавин и пантотенска киселина.
Минерални материи кои што ги содржи доматот се: калиум, манган, магнезиум, бакар, фосфор, цинк, калциум и железо.
Целиот текст можете да го прочитате на sezahrana.mk