Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска истакна дека тој лично се залага за реставрација на Универзалната сала, односно мултимедијалната сала да се гради на нова локација. Сепак, како што рече тој на денешниот брифинг со новинари каде ги објасни сите три опции кои можат да се случат на салата, заедничкото решение можно е да се бара и на референдум.
Негов личен фаворит е како што рече, стариот објект да биде реставриран, а потоа следните чекори би биле распишување конкурс за реставрација на Универзална сала, како и конкурс за одредување локација за уште еден, нов објект од таков вид.
-Постојат три опции кои можат да се случат на Универзалната сала: уривање на салата и изградба на нов објект на постојната локација, уривање на салата со дислокација и заштита на просторот со конкурсот кој што е во тек, и третата е реставрација на постојниот објект и изградба на нов културен објект на друга локација која што ќе биде дополнително определена. Заедничкото решение можно е да се бара и на референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните, доколку стручната јавност не успее да најде решение, рече тој.
Градот според него нема доволно средства за која било од овие три инвестиции и токму затоа ќе биде потребна државна инвестиција. Според првичните пресметки, изградба на нова сала на нова локација и рестраврација на постојната би чинело 20 милиони евра. Досега, од буџетот на државата за овој проект на Град Скопје му се одобрени само половина милион евра.
Како што рече, доколку не успее стручната, политичка и јавноста преку медиумите да најдат едно заедничко решение, сите три солуции ќе бидат ставени на референдум.
– Град Скопје е транспарентна институција и јас се обидувам како градоначалник да бидам што е можно најтранспарентен. Јас сум до таа мера спремен откако ќе ги разработиме сите солуции сите три да ги ставиме на референдум за изјаснување на граѓаните. Желба ми е сите овие процеси за кои зборувавме да ги отвориме во периодот кој доаѓа и да ги затвориме доколку е возможно во текот на оваа година со цел во наредната буџетска година на државно ниво да влеземе со средства за реализација на она што ќе биде одлучено, рече Шилегов.