Синдикатот на новинари и медиумски работници, како и неколку граѓански здруженија и синдикати силно ги осудуваат сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени.
Синдикатите и здруженијата потсетуваат дека целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме.
-Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано и апелираме на следново:
– Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.
– Управата за јавни приходи, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства.
– Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.
– Владата на Република Северна Македонија како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.
– Во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби, стои во реакцијата на ССНМ, потпишана и од:
Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) , Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.


